Во извештајот на полицијата се вели дека 23-годишната Сиријка по име Ахлам Албашир признала оти за нападот добила наредба од Курдската работничка партија (ПКК), а дека во Турција влегла преку Африн-Идлиб за да ја спроведе акцијата
Уапсената жена која е осомничена за бомбашкиот напад во Истанбул е од сириска националност и работи за курдски милитанти, информира турската полиција еден ден по бомбашкиот напад во кој загинаа шест лица.
Во извештајот на полицијата се вели дека 23-годишната Сиријка по име Ахлам Албашир признала оти за нападот добила наредба од Курдската работничка партија (ПКК).
„При сослушувањето, таа призна дека била обучена како специјален разузнавач од терористичката организација ПКК/ПИД/ИПГ и дека илегално влегла во Турција преку Африн-Идлиб за да ја спроведе акцијата“,
соопшти истанбулската полиција.
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пак, рече дека наредбата за нападот била дадена во Кобани, град во северна Сирија, каде што турските сили извршиле операции против сириската курдска милиција ЈПГ во последните години. Тој информира дека полицијата уапсила 46 лица, вклучително и лицето осомничено дека ја поставило бомбата.
Турскиот министер за правда Бекир Боздаг соопшти дека една жена седела на една од клупите повеќе од 40 минути, а потоа станала. Една или две минути подоцна, како што рече, се случила експлозијата.
„Или во торбата имало механизам што се активирал или некој го активирал механизмот од далеку“,
рече министерот.
Турските медиуми утринава објавија дека осомничената за нападот е уапсена.
Екипите на полицијата во Истанбул ја идентификувале осомничената врз основа на нејзиниот физички изглед, утврден преку снимките од безбедносните камери во близина на местото на експлозијата во која загинаа шест лица, а 81 беа повредени.