Според него, БРТ ќе се врзе со Градскиот воз кај Железничката станица во центарот, на начин што ќе се направат автобуски постојки, на кои граѓаните ќе можат да преминат од едната и од другата страна
За реализација на Брз автобуски превоз (БРТ) во главниот град е пронајдено функционално решение со кое ќе се задржи средишното зеленило, наместо да се отстрани. Ова вечерва во вестите на Телевизија Сител го изјави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, зборувајќи за алтернативните решенија за градскиот транспорт кои треба да се спроведат во следниот период.

„Во минатото повеќе од инает се дозволи со години да стои проектот во исчекување. Најкритична точка беше средишното зеленило кое во минатото требаше да се отстрани. Но, ние го променивме концептот, затоа што има алтернатива која може да биде функционална. Тоа е наместо на средината да се отстранува средишното зеленило, автобусите да одат од левата и десната страна, а притоа да го задржиме средишното зеленило и да се додадат уште две траси, кои ќе бидат граничници, но повторно ќе има зеленило на булеварите“,
вели тој.
Првата фаза за инфраструктурно поврзување меѓу Ѓорче Петров и Железничката станица во центарот на градот веќе е започната, а првите градежни активности се очекуваат во втората половина од следната година.
„Реално проекциите беа наредната година да започнеме со овој дел од тендерските постапки, но бидејќи навремено ја завршивме целата работа, ние ја распишавме едната фаза која предвидува инфраструктура, а тоа е поврзувањето Ѓорче Петров со Ново Лисиче. Имаме и втора фаза која ќе опфаќа на 40-тина нови еколошки автобуси“,
рече градоначалникот.
Неговиот оптимистички план, како што кажа е, до крајот на мандатот, граѓаните да почнат да го користат БРТ.
Посочи дека финансиската конструкција е пониска од онаа што била во време на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов.
Според него, БРТ ќе се врзе со Градскиот воз кај Железничката станица во центарот, на начин што ќе се направат автобуски постојки, на кои граѓаните ќе можат да преминат од едната и од другата страна.
„БРТ својот финиш нема да го доживее со оваа траса. Предвидено е да има крак што ќе води кон Бутел и Радишани и останати делови што ќе водат накај Драчево“,
додаде Ѓорѓиевски.
Посочи дека до средината на идната година, треба да се стави во функција картичка што ќе можат да ја користат граѓаните и за автобускиот и за возниот превоз.
На Клинички се планираат монтажни паркиралишта со над 520 места
Во однос на паркирањето кај Клиничкиот центар, најави дека проблемот ќе се решава со иградба на две големи монтажни паркиралишта со капацитет од над 520 возила.
„Ја поздравувам идејата на Владата за нов Клинички центар. Но, до тогаш хаосот на Клинички го решаваме. Распишана е тендерска постапка за изведба на две големи монтажни паркиралишта што ќе задоволуваат потреби на над 520 паркин места. Ако се оди како што треба веднаш по завршувањето на тендерската постапка ќе почнеме со градба“,
кажа скопскиот градоначалник.
Најави дека во наредните 7 до 10 дена ќе почне репарација на Жичницата на Средно Водно.
„По спроведување на детален и темелен сервис за нејзина целосна безнедност о добивање официјални гаранции за безбедност, жичницата повторно ќе биде ставена во функција на граѓаните“,
вели Ѓорѓиевски.
