Директорот на ЦУК, Ангелов потсети дека на 15 мај предупредиле дека следат поројни дождови кои можат да предизвикаат локални поплави и најави дека такво време земјава ја очекува и во наредните денови
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска изјави дека при невремето што во четвртокот го зафати Делчево контактирал со градоначалникот и со службите во Општината, од каде биле побарани пумпи за испумпување вода.
Одговарајќи на новинарско прашање што презела институцијата за поплавите во Делчево, Ангелов рече дека покрај координирањето на институциите, разговарал и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и од него побарал да испрати неколку тимови од противпожарната служба.

фото: Архива
„Тој веднаш испрати две екипи со пет помали пумпи и една голема пупма. Од страна на градоначалникот и заедно со ЦУК, беа контактирани сите соседни општини, односно оние кои беа во можност испратија свои екипи и пумпи за што ние како ЦУК и градоначалникот на Делчево сме посебно благодарни“,
информира Ангелов
Според него, штета претрпеле жители на повеќе општини и посочи дека вакво време земјава ја очекува и во следните десетина дена. Ангелов потсети дека на 15 мај предупредиле дека следат поројни дождови кои можат да предизвикаат локални поплави.
„Предупредивме дека атмосферската и фекалната канализација, колку и да се солидно направени, нема да успеат да ја примат таа вода поради што може да дојде до поплавување на улиците и на подрумските простории“,
рече Ангелов.

Директорот на ЦУК вели дека сите примарни канали се чисти, немало застој кај ниту еден голем канал, а и секундарните канали се во добра состојба. Во Делчево, како што рече, пред две години имало целосна санација, има нова фекална и атмосферска канализација, но се покажало дека сепак не е доволна.
Прашан за надоместување на штетата за жителите на Делчево, Ангелов рече дека локалната самоуправа формира општински комисии кои ја утврдуваат штетата, излегуваат на терен и потоа проценетата штета ја испраќа до второстепена комисија на Влада. Таму се утврдува штетата, а потоа во обесштетувањето делумно може да учествува Владата, но дел од имотите, како што рече, однапред се осигурани.
„Ова е прашање кое треба да се упати до Владата, бидејќи делот на обесштетување не е во наша надлежност. Наша надлежност е спасување човечки животи, заштита на животот и здравјето на луѓето“,
нагласи Ангелов.
Тој потенцира дека во Делчево немало загрозени човечки животи, иако поплавите беа, како што рече, малку посериозни бидејќи во некои објекти и во една државна институција има без малку еден метар вода.