-Граѓаните треба да знаат – додека тие се дават во економска криза и во загадена вода, Мицкоски отвора базен, a во Унгарија веќе проверуваат колку тој базен, и многу други работи, навистина чинеле, велат од опозициската партија
Додека во Унгарија почнуваат да испитуваат како Македонија го добила кредитот од една милијарда евра од „Ексимбанка“, премиерот Христијан Мицкоски во земјава свечено отвора базен, велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).

Коментарот на социјадемократите од Бихаќа доаѓа откако новиот унгарски премиер Петер Маѓар денеска на брифинг со новинарите во Будимпешта соопшти дека неговата влада покренала иницијативи за отворање истраги кои треба да утврдат дали државната „Ексимбанка“ сторила злоупотреби и предизвикала штети врз буџетот со одобрувањето кредити со повластени камати за време на владеењето на Виктор Орбан, меѓу кои оној што го доби земјава.
Осврнувајќи се на изјавите на Маѓар што ги пренесоа унгарските медиуми, од СДСМ велат дека тој јасно посочил дека парите наменети за унгарски фирми биле искористени за јакнење на политички сојузник и дека веќе е иницирана истрага кај надлежните органи.
Истиот ден кога тоа се случува во Унгарија, во земјава, велат од Социјалдемократскиот сојуз, премиерот Мицкоски присуствува на свечено отворање на базен, што според опозициската партија, е совршена слика на двете години владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
„На едната страна – истраги, сомнежи за злоупотреба и политички мотивирани кредити. На друга страна – базени, ленти и фотографии за домашни потреби“,
се вели во соопштението од Бихаќка.
Оттаму ги повторуваат обвинувањата дека владејачката партија преку поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан успеала да стави под контрола 40 отсто од медиумите во Македонија, како и дека инфраструктурата на мобилниот оператор „4iG“, кој влезе на македонскиот пазар, ќе се користи за диструбуција на медиумски содржини.
„Сега, кога Орбан падна, почнуваат истрагите. А тие, наместо одговори, продолжуваат со претстави. Граѓаните треба да знаат – додека тие се дават во економска криза и во загадена вода, Мицкоски отвора базен, а во Унгарија веќе проверуваат колку тој базен, и многу други работи, навистина чинеле“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на пуштање во упореба на реконструираниот градски базен во Кавадарци.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар, денеска на брифинг со новинарите сподели дека кредитот што го доби Македонија е еден од четирите случаи поврзани со „Ексимбанка“ за кој денеска Министерството за економија и енергетика поднело жалби, односно иницијативи за проверка на трошењето на парите на унгарските даночни обврзници.
Според унгарскиот премиер, каматната стапка од 3,25 отсто по која државната „Ексимбанка“ ѝ го дала кредитот на Македонија е далеку поповолна од оние каматни стапки по кои унгарските компании и граѓаните на земјата добиваат заеми, но и од стапката по која самата унгарска држава зема кредити.
Маѓар, исто така ја покрена можноста дека владата на Орбан ги користела парите наменети за поддршка на унгарските бизниси за да ја консолидира моќта и довербата на својот надворешен политички сојузник, а можеби и да стави одредени пријателски компании во подобра позиција, пренесоа тамошните медиуми.
