Сејдини помина три месеци во Истражниот затвор „Скопје“, откако беше уапсен во полициска акција во април 2026 година под сомневање за тешка финансиска проневера
Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Мухамед Сејдини е пуштен од притвор и ќе се брани од слобода, информира неговиот адвокат Шкодран Алили во објава на социјалните мрежи.
Правниот застапник на Сејдини упати благодарност до сите поддржувачи кои покажале солидарност во изминатите три месеци.
„Од денес, Мети Сејдини ќе се брани од слобода. Народната поговорка вели: „Правдата можеби доцни, но никогаш не заборава““. Мети веруваше во ова и не се поколеба ниту за миг. Тој не се потчини, не се скрши, туку остана стоик, онаков каков што сите го знаеме: мотивиран, со достоинство и верен на убедувањата што секогаш ги бранел. Денес е ден на радост, но и доказ дека верата, истрајноста и правото, на крајот, триумфираат“, напиша адвокатот Алили во својата фејсбук-објава.
Поранешниот претседател на ФФМ се сомничи за проневера на 700 000 евра доделени од УЕФА за развој на фудбалот во Македонија, како и за злоупотреба на функцијата. Средствата биле наменети за извршување градежни работи на стадионот во Охрид.
Тој беше избран за в. д. претседател на Фудбалската федерација на Македонија во март 2019, а претходно беше потпретседател. Во 2021 година, Сејдини кој е по потекло од Кичево беше избран за претседател на редовно собрание.
По парламентарните избори во 2024 година си поднесе оставка на функцијата. На негово место во претседателската фотеља на ФФМ седна Масар Омерагиќ.
