Според соопштението од Управата, првопријавениот С. З. со однапред утврдена намера за стекнување противправна имотна корист го сторил кривичното дело даночно затајување

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Струга поднесе кривична пријава против С. З., сопственик и управител на фирма, како и против самиот правен субјект, поради основано сомнение за сторено кривично дело даночно затајување.
Според Управата, со овие дејствија буџетот на Република Северна Македонија е оштетен за вкупен износ од 8 070 791 денар односно над 130 000 евра.
Според соопштението од Управата, првопријавениот С. З. со однапред утврдена намера за стекнување противправна имотна корист го сторил кривичното дело даночно затајување.
Заклучно со 31.12.2025 година, тој неосновано присвоил трговска стока евидентирана како резерва во вредност од 26 085 138 денари. Притоа, избегнал плаќање ДДВ по стапка од 18 отсто во износ од 4 231 907 денари и 128 727 денари со стапка од 5 проценти, како и данок на личен доход од 2 898 059 денари.
Пријавениот не ги признал како приход застарените и ненамирени обврски во износ од 8 120 980 денари, прикажани во бруто-билансот за 2025 година, иако тие застаруваат во рок од три години. Покрај тоа, тој не поднел даночен биланс за 2025 година, ниту пресметал, пријавил и платил данок на добивка по даночна стапка од 10 отсто во износ од 812 098 денари.
„Со наведените дејства пријавените не ги пресметале, не ги пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски, со што директно го оштетиле државниот буџет“,
наведуваат од Управата за финансиска полиција.
