Настанот се случил десет дена пред да почнат со работа пумпите кои го загадуваа водоводот. Првичните информации биле дека тој дошол да го исчисти каналот на локација каде што имало одводни канали за прибирање на проточни води, се заглавил и починал
На 15 јуни загинал вработен во комуналното претпријатие во Гостивар кој интервенирал во водоводниот систем, објави телевизија „Телма“.
Настанот се случил десет дена пред да почнат со работа пумпите кои го загадуваа водоводот. Случајот бил пријавен во полиција, а првичните информации биле дека тој дошол да го исчисти каналот на локација каде што имало одводни канали за прибирање на проточни води, се заглавил и починал.
Денеска ниту од обвинителството ниту од МВР не одговориле дали е отворена истрага и дали ја знаат точната причина зошто човекот влегол во каналот, објави телевизијата. Тој бил од Дебреше, истотo село од кое после само неколку денови од инцидентот мештаните протестираа пред Општината Гостивар. На 19 јуни бараа поголем притисок на водата во нивните чешми, а протестот ескалираше кога го искршија стаклото од влезната врата. За овој инцидент општината не поднела пријава во полицијата, а сторителите биле повикани во станица па пуштени.
И после еден месец од овие случувања ниту обвинителството – ниту МВР за сега не ги поврзуваат со поставувањето на пумпите кои ја загадуваа водата, дело за кое сега се осомничени директорката на Комуналец со уште двајца директори.
Во меѓувреме, се прават напори гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода во домовите, а до крајот на наредната недела и вода за пиење. Започнато е хиперхлорирање на каптажата, во рамки на законски утврдениот максимум.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, денеска на новинарско прашањe кажа дека голем број на луѓе се повикани на разговор за настаните во Гостивар, каде е прогласена епидемија на гастроинтестинални заболувања и на сила е забрана за користење на водата од градскиот водовод.
Тошковски кажа дека ќе се бара одговорност за секој што ќе се покаже дека имал директна или индиректна одговорност.
Инаку, тече одредениот 30-дневен притвор на тројцата раководители на гостиварското комунално претпријатие, осомничени за загадувањето на водата во Гостивар. Денеска им е отфрлена жалбата, што значи дека тие остануваат во притвор.
Станува збор за вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути. Tие се товарат за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење, а казните за ова кривично дело се минимум четири години затвор.
Според Обвинителството, осомничените на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи, во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата. Две од трите пумпи ги оставиле во функција се до увидот на 16 јули
Обвинителството не ја отфрла можноста истрагата да се прошири и на други лица.
