Во меѓувреме, се прават напори гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода во домовите, а до крајот на наредната недела и вода за пиење

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, денеска на новинарско прашањe кажа дека голем број на луѓе се повикани на разговор за настаните во Гостивар, каде е прогласена епидемија на гастроинтестинални заболувања и на сила е забрана за користење на водата од градскиот водовод.
Тошковски кажа дека ќе се бара одговорност за секој кај кого ќе се покаже дека имал директна или индиректна одговорност.
„Голем број на луѓе се повикани на разговор, поврзани со овој случај, се преземаат голем број истражни дејствија во рамки на она што е дадено како наредба од Јавното обвинителство. Сите оние информации за коишто е потребно, јавноста ќе биде запознаена во оној момент кога ќе можеме да ги соопштиме. Секој еден за кого ќе има докази дека сторил или не сторил какви било дејствија, а бил должен да стори согласно закон, ќе си ги сноси законските последици утврдени во правила на игра, за кои сите во ова држава сме се договориле дека треба да важат“,
рече Тошковски.
Во меѓувреме, се прават напори гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода во домовите, а до крајот на наредната недела и вода за пиење. Денеска се чистела каптажата од каде што се обезбедува вода за општината и поставен е систем за дополнително хлорирање на водата, а за кој, уверуваат стручњаците, ќе биде во рамки на законски дозволениот максимум и нема негативно да влијае врз здравјето на луѓето.
Шест од примероците коишто се земени низ локации во Гостивар се хемиски и микробиолошки неисправни, што значи дека водата сè уште не смее да се користи ниту за пиење – ниту како техничка.
„Ниту јас – ниту вие сме заради тоа што цутат рози во Гостивар, туку заради тоа што има проблем. Пробуваме да го решиме и го решаваме. Секој којшто се огрешил треба да одговара за памет на сите останати, особено кога станува збор за сите граѓани. Доста е процесите да ги водиме паушално и врз основа на тоа кому како ќе му текне. Еднаш засекогаш треба да има правила на игра кои би требало да гарантираат соодветни стандарди кои се во интерес на нашите граѓани. Ако така настапуваме во иднина, нема да имаме вакви проблеми. Ако настапуваме како досега, не сме научиле ништо. Сега круцијално е да го решиме проблемот во насока на добивање на техничка вода, а понатаму вода за пиење“,
рече Тошковски пред новинарите.
Инаку, тече одредениот 30-дневен притвор на тројцата раководители на гостиварското комунално претпријатие, осомничени за загадувањето на водата во Гостивар.
Станува збор за вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути. Tие се товарат за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење, а казните за ова кривично дело се минимум четири години затвор.
Обвинителството не ја отфрла можноста истрагата да се прошири и на други лица.
