Обвинителството не ја отфрла можноста истрагата да се прошири и на други лица
Основниот суд Гостивар им одреди по 30 дена затворски притвор на тројцата раководители на гостиварското комунално претпријатие, осомничени за загадувањето на водата во Гостивар.
Станува збор за вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути, кои денеска беа изведени пред судијата на претходна постапка – Ќирко Михајлоски.
Од Судот посочија дека решенијата се доставени до осомничените, а мерката притвор тие ќе ја издржуваат во КПУ Затвор Скопје – Скопје.“
Претходно денеска на брифинг во Гостивар, од Обвинителството рекоа оти тие се осомничени за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење и оти казните за ова кривично дело се минимум четири години затвор.
Надлежен обвинител во истрагата е Хазби Исени од ОЈО Гостивар, а оттаму дополнително информираа дека не се отфрла можноста истрагата да се прошири и на други лица, во зависност од дополнителните анализи и докази кои ќе бидат прибавени.
Од Основното јавно обвинителство Гостивар тврдат дека тројцата осомничени како соизвршители на 25 јуни наложиле поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода во близина на преливната комора на системот за водоснабдување, со цел да го тестираат притисокот на водата. При увидот извршен на 16 јули, инспекторите утврдиле дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку нив активно се пренесувала вода со штетни материи директно во системот за пивка вода.
Анализите на Институтот за јавно здравје потврдија дека водата од површинскиот канал била многу загадена и неупотреблива за каква било намена. Дополнително, анализиран примерок од чешма на улицата ЈНА во Гостивар, покажал дека во водата има високо присуство на хлор.
Денеска Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во Гостивар за, како што соопштија оттаму, побрза координација на институциите.
