Обвинителството ги објави резултатите од анализата на примероците на вода од кои се констатира дека таа не може да се употребува за ниту една намена… Директорката на „Комуналец“ и двајца раководители се лишени од слобода и во текот на утрешниот ден јавен обвинител ќе одлучи дали и какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи на судот, велат од ОЈО-Гостивар
Според Обвинителството, осомничените на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата. Две од трите пумпи ги оставиле во функција се до увидот на 16 јули

Основното јавно обвинителство Гостивар вечерва соопшти дека отвора истражна постапка против в.д. директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, како и против технички раководител на Сектор за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во Јавното претпријатие.
Обвинителството ги сомничи за тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење. Според Обвинителството, тие со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.
Тројцата осомничени се лишени од слобода и во текот на утрешниот ден јавен обвинител ќе одлучи дали и какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи на судот.
„Осомничените соизвршители, во својство В.Д. директорка на ЈП ‘Комуналец’ – Гостивар, технички раководител на Сектор за технички работи и раководител на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие, со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села“,
велат од Обвинителството.
Според Обвинителството, тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата. Две од трите пумпи ги оставиле во функција се до увидот на 16 јули.
„На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја – колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем. Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување“,
велат од Обвинителство.
Оттаму посочуваат и дека анализата на примероци од површинската вода од отворениот канал кои ги правеше Институтот за јавно здравје покажале дека водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена.
„Констатирано е дека водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл, а во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл. Поради високата загаденост водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето“,
велат од ОЈО Гостивар.
Дополнително, анализиран примерок од чешма на улицата ЈНА во Гостивар, покажал дека во водата има високо присуство на хлор.
„Концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0,2 до 0,3 мг/л, но не повеќе од 0,5 мг/л. Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, јавниот обвинител оцени дека се исполнети обележјата кои даваат основано сомнение дека е сторено наведеното кривично дело“,
велат оттаму.
Инаку, јавноста цел ден беше во очекување на резултатите од анализите на водата, за кои здравствените власти претпладнево кажаа дека се готови, но дека не можат да ги споделат за да не ја нарушат работата на обвинителите.
Истовремено, полицијата ја приведе в.д. директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, како и други двајца раководители.
Претходно, директорката Асани тврдеше дека спорните пумпи работеле кратко и тоа само на 25 јуни.
