Павлина Црвенковска беше изгласана за претседателка на Судскиот совет на 28 април 2021 година. Таа беше едногласно избрана и го наследи Киро Здравев, кому мандатот му заврши еден ден претходно
Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Одлуката таа ја соопшти на почетокот на денешната седница која е продолжение на минатонеделната кога имаше бунт од членови на Судскиот совет.
„Јас поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на судски совет”,
рече Црвенковска на самиот старт на седницата.
Потоа таа стана и излезе од салата, а во заминување кон присутните новинари додаде дека за причините јавноста ќе биде дополнително известена. Откако ја напушти седницата, заменик-претседателот Сељим Адеми беше затечен од одлуката и рече дека дознал во овој момент. Тој објасни дека во отсуство на претседател, тој како заменик е задолжен да ја води седница, па даде пауза од половина час. Потоа новинарите беа известени дека седницата ќе продолжи друг ден.
Еден од членовите праша и дали само од претседателка или од член си поднесува оставка, по што заменикот посочи дека Црвенковска рекла дека поднесува оставка од претседателка и дообјасни дека оставка како член на Советот се поднесува до Собранието, со оглед дека таа е избрана од парламентот.
Оставката на Црвенковска следува по последната седница на Судскиот совет кога се случил бунт од страна на седум члена избрани од судиите кои спречиле да помине готов список за гласање за клучни места во Академијата за судии и обвинители.
По ова, Црвенковска во изјава за „360 степени“ реагираше дека на седница дошла со листа со имиња на предлози за одредени позиции во Академијата за судии и јавни обвинители, а не со некаков список како што тоа сакале да го прикажат некои членови на Судскиот совет.
Павлина Црвенковска беше изгласана за претседателка на Судскиот совет на 28 април 2021 година. Таа беше едногласно избрана и го наследи Киро Здравев, кому мандатот му заврши ден претходно.
За избор на претседател потребни се осум гласа, а за Црвенковска „за“ гласаа сите 12 члена на Судскиот совет што беа присутни на седницата.
За член на Судскиот совет, Собранието ја избра Црвенковска во декември 2020 година. Од 2006 до 2020 таа работеше како судски советник во скопска апелација. Претходно, беше советничка во кабинетот на Владо Бучковски додека тој беше премиер во владата на СДСМ и на ДУИ (2004-2006 година), а исто така била и раководителка на одделение во Министерството за одбрана додека Бучковски беше министер (2002 – 2004 година). Има искуство и како адвокатка и приправничка во Кривичниот суд.