Безмалку половина од моментно заболените, сепак, се во Скопје, каде што исто така се регистрирани трицифрени бројки на заразени во сите 10 општини
Трицифрен е бројот на активни случаи во осум града во внатрешноста во земјава, како и во сите 10 општини во состав на главниот град.
Заклучно со податоците од вчерашниот ден, предничи Штип со 409 активни случаи, а следна е најголемата општина во државата – Куманово, со 284 моментно заразени. Над 200 активни случаи има и во Тетово – 278, во Гостивар – 234, Струга – 206.
Во Свети Николе, општина со околу 18 илјади жители, до вчера се регистрирани 189 активни случаи. Повторно е висока и бројката на заболени во Дебар – 124, додека во Охрид има 111 активни случаи.
Вкупниот број дијагностицирани од почетокот на епидемијата до вчера достигна 10 213 случаи, од кои моментно 4 183 се активни.
Безмалку половина, поточно околу 45 проценти, од активните случаи се во Скопје – 1 876. Во вчерашниот биланс, Скопје бележи и најмногу оздравени, 108 од 137 во цела држава.
Во сите 10 општини во рамки на градот Скопје, исто така, се трицифрени бројките на заразени со ковид-19. Над 200 болни во моментов имаат Чаир (265) и Аеродром (207). Со 193 активни случаи е Гази Баба, 183 се во Кисела Вода, 164 во Карпош, 150 во Центар, 133 во Бутел, 129 во Ѓорче Петров, 120 во Шуто Оризари и 109 во Сарај.