Вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата се искачи на 172, од кои 110 се активни
Ковид-19 повторно беснее во Дебар. Во општината од каде што, практично, почна епидемијата во земјава и која месец и половина беше во карантин, во последното деноноќие се регистрирани 18 новозаболени.
Со денеска потврдените случаи, вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата се искачи на 172. Битката со опасниот вирус ја добиле 57 лица, а пет починале, така што моментно се активни 110 случаи, од кои десетина се хоспитализирани во болниците во Скопје.
Бројката на заразените сега е повеќе двапати повисока во споредба со првата фаза од епидемијата.
Во втората фаза, кога коронавирусот, по точно 50 дена, на 5 јуни се врати на ова подрачје, бројот на заразените е поголем за 121 отколку во почетокот на пролетта. Од заразените во овој бран, излекувани се десет лица, едно почина, активни на болеста се 110 пациенти.Во првата фаза беа регистрирани 51 заболен, оздравеа 47, а починаа четворица.