Секретарот за меѓународна соработка на опозициската партија повтори дека во вакви услови ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се согласи со уставни измени бидејќи сметаат дека на таков начин ќе се легитимираат бугарските барања
Откако премиерот Димитар Ковачевски најави дека утре ќе испрати покана за лидерска средба до сите парламентарни партии, секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, вели дека на неа треба да се разговара за предвремени избори, а не за уставни измени затоа што владата не е стабилна за да навлегува во таков процес.
„Главна тема на една таква лидерска средба би требало да биде за предвремени парламентарни избори, бидејќи не гледаме дека Владата е стабилна за да може да отвора сериозни теми како промена на Устав“,
рече Андоновски во гостувањето во централниот Дневник на Сител ТВ.
Од Владата најавија дека целта на средбата што ќе ја свика премиерот е да се разговара за европскиот пат на земјава како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк консензус, како што се уставните измени со кои Бугарите и други народи ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.
Според Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, разговори требало да има пред да се потпишат, како што рече, уценувачки договори кон Македонија наместо Владата да се ветува нешто што не може да испорача.
Во актуелните услови, дециден е тој, ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи со уставни измени.
„Сега со вакви услови никогаш нема да се согласиме со уставни измени затоа што со тоа само ги легитимираме бугарските барања. Ние против Бугарите не сме имале ништо, но нивното тврдење дека Македонците дека не постоеле пред 1945 времено е неприфатливо“,
рече Андоновски.
Во телевизиското гостување, секретарот за меѓународна соработка на опозициската партија тврдеше и дека лидерот Христијан Мицкоски има конзистентен став за ова прашање, но дека има други политичари кои го менуваат ставот на дневна основа.
Лидерската средба која планира да ја свика Ковачевски, треба да се одржи на 7 ноември во Собранието.
На официјалната потврда дека ќе испрати покана за средба до претседателите на сите парламентарни партии, претходеа изјави од премиерот дека треба да се седне на заедничка маса и сите да го кажат својот став.
„Добро е што се разговара за уставните измени, гледате дека се отвори дискусија. Сметам дека тоа треба да биде процес кој се одвива како и досега, низ процедура која е пропишана со нашите закони. Штом ќе биде отворена таква процедура кога ќе се види дека има консензуална волја тоа да се направи, а гледам дека сите политички партии веќе имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои беа изречно против сега кажуваат дека врз основа на одредени услови би поддржале уставни промени. Сметам дека треба да се седне на маса, сите политички партии, да го кажат својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите“,
рече Ковачевски пред една недела.
Во албанскиот блок на политичките партии, пред сè во опозициските, веќе гласно се зборува за уставни измени за што Беса и Алијанса за Албанците излегоа и со услов дека ќе поддржат вметнување на Бугарите и другите народи во Преамбулата од Уставот доколку формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ се замени со „албански јазик“.