Богатите земји имаат неколку милијарди дози вакцини, додека некои земји во развој имаат малку или воопшто немаат вакцини
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус денеска ги повика богатите земји, пред да нарачаат дополнителни вакцини против ковид-19 за себе, да проверат дали тоа ги нарушува напорите за доставување вакцини во сиромашните земји.
„Богатите земји имаат неколку милијарди дози вакцини, додека некои земји во развој имаат малку или воопшто немаат вакцини“,
вели Гебрејесус.
Европските земји обезбедија финансиска поддршка за ковакс-програмата, која ги поддржува Обединетите нации за обезбедување вакцини на најзагрозените во светот и размислува за дистрибуција на одредени дози од сопствените вакцини, иако не прецизираат кога.
Тедрос изјави дека некои богати земји стапуваат во контакт со производителите со цел да обезбедат повеќе вакцини, што влијае на договорите со ковакс-програмата, па дури и дека количината на вакцини доделени од оваа програма е намалена поради тоа.
Тедрос не ги именуваше тие земји, ниту даде други детали.
Тој посочи дека богатите земји треба да ги почитуваат договорите од ковакс-механизмот и да се уверат, пред да побараат повеќе вакцини, нивните барања да не ги нарушат тие договори.
Ковакс-механизмот претставува финансирање кое треба да овозможи 92 земји со мали или средни приходи да имаат пристап до вакцини против ковид-19. Но, поради недостаток на вакцини, првите испораки во сиромашните земји треба да почне до крајот на месецов, додека пак во побогатите земји кампањите за вакцинација почнаа кон крајот на 2020 година.
На прашањето дека САД, Европската унија и Германија ветија дека дополнително ќе го зголемат придонесот за ковакс-програмата, шефот на СЗО, Гебрејесус, вели дека парите нема да имаат никакво значење ако не се искористат за купување на вакцините.