Распределбата на количините ќе биде пропорционална на бројот на населението во секоја земја – на глобално ниво најмногу ќе добие Индија, а во регионот Србија
Преку механизмот Ковакс, Северна Македонија ќе добие 103 200 дози вакцини против ковид-19, од вкупно 337,2 милиони, кои оваа иницијатива на ОН планира да ги испорача во првата половина од годинава во 145 земји во светот.
Ковакс ќе покрие трошоци за набавка на вакцините за 92 сиромашни земји, додека другите ќе ги добијат по пристапни цени.
Според Ан Линдстранд од СЗО, испораките би можеле да почнат кон крајот на февруари.
Распределбата на количините ќе биде пропорционална на бројот на населението во секоја земја.
Најмногу ќе добие Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони).
Меѓу земјите во регионот, најмногу ќе добие Србија – 345 600 дози, потоа Босна и Херцеговина – 177 000, Албанија – 141 600, Северна Македонија – 103 200, Косово 100 800 и Црна Гора 84 000 дози вакцини.
Министерот за здравство Венко Филипче завчера најави дека месецов вакцинацијата ќе почне со 200 000 кинески вакцини, а датумот на испорака на вакцините ќе биде познат деновиве.