Кои вакцини ќе се набават е одлука на Ковакс врз основа на критериумите за селекција, но најверојатно, бидејќи системот имал најлесен пристап кон производството на оваа вакцина во овој момент, одговори министерот за здравство на новинарско прашање зошто добиваме вакцини од „Астра Зенека“
Зошто преку механизмот Ковакс ќе добиеме вакцини од „Астра Зенека“? Вакво новинарско прашање денеска му беше поставено на министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата на која најави дека вакцинацијата во земјава ќе започне со вакцини набавени од Кина, но не прецизираше кога.
Тој одговори дека кои вакцини ќе се набават е одлука на Ковакс врз основа на критериумите за селекција, но најверојатно бидејќи системот имал најлесен пристап кон производството на оваа вакцина во овој момент.
„Очигледно многу потешко е да се стигне до вакцините на ‘Фајзер’ поради капацитетот на производство во овој момент, но очекуваме како минува времето пристапот да стане полесен“,
рече Филипче.
Сепак, тој потенцира дека вакцинацијата не смее да се политизира и дека сите вакцини кои се во светот се безбедни.
„Наша обврска беше да се спремиме и административно и да можеме да ги пречекаме вакцините. Предвидено е меѓу 100 и 170 000 вакцини да добиеме преку Ковакс во првите два квартала на оваа година, а најверојатно според нивната најава количина од 25 до 30 проценти ќе стигне во март“,
истакна Филипче.
На прашањето каков пристап има земјава кон тоа што неколку европски земји се изјасниле дека вакцината на „Астра Зенека“ нема да ја даваат на лица над 64-годишна возраст, министерот Филипче потенцираше дека тоа е став на неколку национални агенции од неколку европски земји, и сѐ уште не е влезено во официјалното упатство, меѓутоа сигурно дека ќе се следат насоките од официјалните европски агенции.
За руската вакцина, како што рече, засега нема разговори.