Министерот за здравство рече дека не сака да шпекулира со точниот датум кога вакцините ќе пристигнат, но истакна дека тоа ќе биде многу скоро
Продолжуваат и контактите со „Фајзер“, со претставништвата во Белград и во Романија, од каде што сѐ уште се чекаат документите за да се дозволи Србија да ги извезе кај нас
Вакцинацијата против ковид-19 во земјава ќе започне со кинеските вакцини за чија набавка разговорите се во завршна фаза. Се работи за 200 000 вакцини за кои транспортот ќе го организира Министерството за здравство, соопшти денеска министерот Венко Филипче.
Тој рече дека не сака да шпекулира со точниот датум кога вакцините ќе пристигнат, но нагласи дека тоа ќе биде многу скоро.
Први за вакцинација ќе бидат здравствените работници, по што ќе следуваат и сите други категории граѓани.
Вакцината, како и останатите, се дава во две дози.
Набавката е преку директно договарање со кинеската компанија и Министерството, а компанијата, како и во случајот со „Фајзер“, нема некои посебни услови, освен тој договор да остане во тајност.
Филипче рече дека се работи за прилично комплицирани преговори со многу детали бидејќи самите компании производители се наоѓаат под голем притисок и се преплавени со барања од целиот свет.
Тој додаде дека продолжуваат и контактите со „Фајзер“, со претставништвата во Белград и во Романија, од каде што сѐ уште се чекаат документите за да се дозволи Србија да ги извезе кај нас.
Филипче потенцира дека сите вакцини што се на пазарот се безбедни, развиени на безбедни платформи и додаде дека нашата земја нема задршка кон ниедна.
„Тука нема политика, сите се безбедни“,
рече Филипче на прес-конференцијата.