Таквите постапки само ќе ја продолжат пандемијата, предупреди денеска генералниот директор на Светската здравствена организација
Светот е на праг на катастрофален морален пад со дистрибуцијата на вакцини против ковид-19, предупреди денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус. Тој ги повика државите и производителите поправедно да дистрибуираат вакцини низ целиот свет.
„Не само што овој пристап – ‘прво јас’ ги загрозува најсиромашните и најранливите, тој е и самоуништувачки“,
рече Тедрос на отворањето на годишниот состанок на Извршниот одбор на СЗО во Женева.
Како што истакна, на крајот, таквите постапки само ќе ја продолжат пандемијата.
Но, првиот човек на СЗО не посочи на кои држави мисли кога кажува дека го применуваат принципот „прво јас“.
Повеќе европски држави веќе објавија дека се соочуваат со недостиг на вакцини, што може да го загрози целиот процес на вакцинација, особено кога се работи за вакцината на „Фајзер“, која за да биде ефикасна треба да се примат две дози во строго определен временски рок.
Ситуацијата дополнително се усложни со објавата на „Фајзер“, чија вакцина се користи во најмногу земји во светот, дека ќе ја намали испораката бидејќи го проширува производствениот капацитет на фабриката во Белгија.
ЕУ реагира дека со ова се доведува во прашање целиот процес на вакцинација.
Голем број земји сѐ уште не добиле ниту минимум дози на вакцини, а оние што добија имаат ограничени количини и поради тоа не можат да споделат дел со овие земји.
Генералниот директор на СЗО како пример за нееднаквост посочи дека биле дадени повеќе од 39 милиони дози во 49 земји со висок приход, додека само 25 дози биле дадени во една сиромашна земја.
Преку механизмот Ковакс, кој е гаранција за рамноправна распределба, сѐ уште не се доставени вакцини.
Тедрос истакна дека минатата година биле потпишани 44 билатерални договори, а годинава најмалку 12. Според него, нееднаквата дистрибуција може да го одложи снабдувањето на Ковакс и да доведе до хаос на пазарот, некоординиран одговор и социјални и економски проблеми.