Поранешниот американски претседател Доналд Трамп одби да учествува во иницијативата поради нејзините врски со СЗО
Американскиот претседател Џо Бајден вети четири милијарди долари за поддршка на програмата Ковакс за правична дистрибуција на вакцините против ковид-19 меѓу земјите во светот.
„Претседателот утре на состанокот на Г7 ќе објави дека презема конкретни чекори за подобрување на здравјето и безбедноста на Американците, но и заштита на ранливото население низ целиот свет“,
се вели во соопштението на Белата куќа издадено во четвртокот.
Вашингтон, како што се наведува, ќе донира четири милијарди долари, од кои првите 500 милиони долари ќе бидат достапни кога ќе се исполнат постојните обврски на донаторите и ќе бидат доставени првичните дози, објавија американските медиуми.
„Ние исто така ги повикуваме земјите од Г7 и другите партнери да обезбедат повеќе ресурси за поддршка на глобалната вакцинација против ковид-19 и да ги насочат кон итни потреби за производство и испорака на вакцини“,
се додава во соопштението.
Иницијативата предводена од ООН планира да испорача 337,2 милиони дози во првата половина на 2021 година, претежно до земјите во развој.
Тоа ќе биде доволно за да се вакцинираат и да се ревакцинираат 169 милиони луѓе – или околу 3 проценти од населението во 145 земји кои учествуваат во програмата Ковакс.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп одби да учествува во иницијативата Ковакс поради нејзините врски со Светската здравствена организација.
Трамп ја обвини агенцијата со седиште во Обединетите нации дека ги прикрива кинеските грешки при справување со вирусот на почетокот на пандемијата.
Поранешниот американски претседател ги повлече САД од СЗО, но Бајден го промени ова решение и се приклучи кон организацијата набрзо по инаугурацијата минатиот месец, пишува „Еј-би-си њуз“.
Македонија исто така очекува да добие вакцини преку механизмот Ковакс.
Неодамна од Министерството за здравство информираа дека за нашата земја се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од производителот „Астра Зенека, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
Вчера на тема колку вакцини ќе добие Македонија од Ковакс дебатираа и ексминистерот за здравство Арбен Таравари и заменик-министерот за здравство Илир Хасани.
Поранешниот министер вели дека станува збор за вкупно 103 200 вакцини, а актуелниот заменик-министер вели дека станува збор за 800 илјади, ама нивната дистрибуција ќе оди во фази