Од Судскиот совет велат дека веројатно утре на седница на работно тело на Советот ќе се дискутира за одлуката да се укине притворот на ексшефот на УБК, по што ќе излезат со став за ова прашање
Судскиот совет најавува дека најверојатно утре, на седница на работно тело на Советот, ќе дискутира за одлуката на Апелацискиот суд во Скопје да го укине притворот на бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков.
„Со оглед дека поголем број членови на Судскиот совет денеска имаа службени обврски, особено што претседателката имаше седница на Комисијата за политички систем во Собранието на која се дебатира за годишниот извештај на Судскиот совет за 2020 година, Судскиот совет не беше во можност денеска да дебатира во врска со притворот, но тоа ќе го стори наскоро, најверојатно утре, на седница на работно тело на Советот. Јавноста навремено ќе биде известена кога Судскиот совет ќе има став по ова прашање“,
вели за „360 степени“ портпаролот на Судскиот совет, Љубиша Арсиќ.
Претходно, министерот за правда Бојан Маричиќ, во реакција за ослободувањето, апелираше до Судскиот совет да испита по која основа судиите во Апелација решиле да ја прифатат гаранцијата и да го пуштат Мијалков да се брани од слобода.
Тој ги прозва и двајцата од вкупно тројца судии членови на советот што одлучувал во Апелација, Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, кои според неофицијални информации гласале за прифаќање на жалбата, барајќи од нив да ѝ објаснат на јавноста по која основа решиле да го пуштат Мијалков на слобода и како ќе ја преземат одговорноста доколку тој избега.
Советот во Апелација одлучи да ја прифати жалбата на ексшефот на УБК и понудената гаранција од 11 106 501 евро со цел тој да излезе од Шутка. Дополнително му одреди и мерки на претпазливост – одземање и забрана за издавање на пасош и обврска да се јавува во судот.
Во пресрет на одлуката што ја донесе второстепениот суд, од Вишото јавно обвинителство Скопје, пак, испратиле негативно мислење односно предлог да се одбие жалбата и понудената гаранција.
Гаранцијата од над 11 милиони евра, според нашите информации, се состои и во недвижен и во подвижен имот, а ексшефот на УБК треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.
Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор и притворот го издржува во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Оттаму велат дека сè уште не го добиле решението од Апелација, а откако ќе пристигне кај нив, ќе биде и спроведено.
Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет-Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.