Поповиќ се осврна и на барањето на СДСМ за покачување на минималната плата, предлог-буџетот за 2027 година, задолжувањето, како и случајот со Алта банка
Животниот стандард на граѓаните е сè полош, а семејствата едвај успеваат да ги покријат основните месечни трошоци, обвинува СДСМ. Членката на Извршниот одбор на партијата, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција посочи дека синдикалната минимална кошничка достигнала 71.000 денари, а заедно со трошоците за кирија за стан, месечните потреби на едно семејство достигнуваат речиси 90.000 денари.
„Ниту три плати не се доволни да се покријат месечните трошоци. Само за храна и пијалаци се потребни речиси 26.000 денари месечно а каде се сметки, облека, превоз, трошоци за деца, кирија. Ова е крпен живот“,
кажа Поповиќ.

Дополнителен удар врз семејните буџети ќе бидат најавените поскапувања на струјата и парното, велат од СДСМ.
„Сега следува уште еден ценовен удар – посакпување на струјата и парното. Се што кажа Мицкоски излажа! Во септември најавуваше дека струјата нема да поскапи, а негоиот човек во РКЕ, Ацо Ристов сега најавува дека од следната година ќе има од 2 до 3 % повисоки сметки за струја, и од 6 до 8 % поскапо парно“
додаде таа.
На прес-конференцијата таа се осврна и на барањето на СДСМ за покачување на минималната плата, предлог-буџетот за 2027 година, задолжувањето, како и случајот со Алта банка.
„Луѓето не можат да си ги подигнат сопствените пари. Немаат пари за храна, а старите и болните немаат пари за лекови. Срамота е што направи овој човек од државата. Македонија стана свртилиште на организиран криминал и корупција. Земја што служи на туѓи интереси. И за ова ќе одговара пред граѓаните, за осиромашувањето на народот, и за секој денар потрошен за криминални тендери, наместо за подобар живот на народот“,
порача Поповиќ.
