Признание на вина од Зоран Милески-Кичеец, кој утре ќе ја слушне и пресудата, најава од обвинителката Вилма Русковска дека ќе се презентираат несоборливи докази против Катица Јанева и Бојан Јовановски, негирање вина од нивна страна, со квалификации дека станува збор за монтиран случај и дека ќе се дознае кој стои зад целата афера, но и многубројни прозивки на релација обвинети – обвинителка.
Ова е билансот од првото судско рочиште за „Рекет“, највисоко профилираниот случај годинава во македонското правосудство.
Присуството на многубројни новинарски екипи пред Кривичниот суд во Скопје утрово беше само најава дека стартува судењето за еден од најекспонираните случаи, кој и во наредниот период ќе биде во фокусот на јавноста.
Нешто пред 10 часот камерите и фотоапаратите ја пречекаа и во чекор ја следеа Катица Јанева како од полициското комбе влегува во судската зграда.
„Во случајот не се жртви бизнисмените од кои се барани пари, туку сите граѓани… овде не станува збор за тоа дали бизнисмените се виновни или не, туку за барање пари тие да не бидат виновни… Катица Јанева не само што ја злоупотреби положбата туку ја предаде и довербата на народот, не се посрамоти само себеси туку и целата јавнообвинителска институција“.
Ова беа дел од воведните зборови на обвинителката Вилма Русковска која во преполната судница го презентираше „Рекет“ и најави дека ќе изнесе несоборливи докази.
Но, пред да дојде до воведните зборови, здравствената состојба на Боки 13, за која многу се пишуваше изминатиот период, овој пат стана тема на разговор и во судницата откако тој, со лисици на рацете и двајца полицајци, пристигна со задоцнување од 45 минути. Лекарската екипа беше предвреме повикана, а откако го прегледа и му даде дијазепам поради стрес, главната расправа официјално започна.
За некого изненадување, за некого и очекувано, по излагањето на Русковска од обвинителната клупа се слушна и признание на вина. Третообвинетиот во случајот, Зоран Милески-Кичеец, стана и соопшти дека го признава делото за кое се товари – примање награда за противзаконско влијание. Тој ќе ја слушне пресудата утре.
Русковска не се изненади, а во изјава за медиумите рече дека дури очекувала денеска да слушне и други признанија.
Спротивно од Кичеец, пак, Катица Јанева и Бојан Јовановски не признаа вина и заедно со своите адвокати најавија дека ќе го побијат обвинението.
Јовановски дури најави и дека ќе ги обелодени организаторите и помагачите на овој, за него, монтиран случај.
„Со Катица Јанева сум седел во кафеана толку пати колку и со Вилма Русковска“, ја прозва тој обвинителката, а таа потоа пред новинарите одговори дека ја познава неговата мајка, која и била школска, а него го има запознаено кога првпат била на гостување во 1 ТВ.
„Во ресторан сум седела со него само еднаш, на прославата на годишнината од 1 ТВ“, рече Русковска.
Во рамки на истрагата таа запленила 71 вреќа со негова облека, а што сè е одземено во обвинението наброила на 30-40 страници.
Меѓутоа, адвокатот Сашко Дуковски тврди дека тоа не е облека што е купувана во периодот кога се тврди дека се барале пари од Орце Камчев, а фотографии ќе покажат дека таа облека Јовановски ја купувал од 2013 година.
Прозивки кон Русковска имаше и Катица Јанева.
„Се надевам дека без предрасуди ќе ги разгледате сите докази, се надевам не се плашите од заканите на јавната обвинителка за тресење од гаќи и ќе ме ослободите“, рече Јанева со смирен тон, додека во публиката рочиштето будно го следеше и нејзиниот син.
Адвокатите на Јанева, пак, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска, најавија дека во судскиот процес ќе докажат дека нивната клиентка постапувала само во законските рамки, но и оти ќе ги повикаат речиси сите обвинители од СЈО да влезат во судница и да сведочат.
Обвинителката Русковска и одбраната не беа единствените кои денеска земаа збор во судницата. Се јави и адвокатот Александар Михајловски, како полномошник на Орце Камчев, кој непосредно пред денешниот старт на судењето најави дека и неговиот клиент се приклучува кон кривичниот прогон и оти од Боки 13 и Јанева ќе бара да му се вратат 1,5 милион евра.
Русковска, пак, му порача дека во ваков случај Камчев не може да биде оштетен туку сведок, а како сведоци и него и неговата сопруга Ана Камчева, јавноста ќе може да ги слушне веќе в петок, за кога е закажано ново рочиште за „Рекет“.
Судењето за Јовановски и Јанева продолжува на 6 декември, за кога како сведоци се повикани Камчеви.
Повеќе детали за обвинението, судијката која го води рочиштето и делата што им се ставаат на товар на обвинетите можете да прочитате ТУКА.