Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе. Нејзините први претстави за стварноста, сензибилитетот за животот, се формирале овде, во овие простори во кои, наспроти сегашната скромна состојба, сè уште трае одекот на една длабока интелектуална, духовна и просветителска традиција. Затоа, ние мислиме дека имаме право да ја наречеме и „наша“, и да ѝ се заблагодариме и да се гордееме со неа и со нејзиното грандиозно дело од значење за светската наука, порача претседателката Сиљановска-Давкова
Светски реномираната научничка и истражувачка од областа на биохемијата, со македонско потекло, Светлана Мојсов, е одликувана со орденот „8 Септември“. На свечена церемонија во вилата „Водно“ претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, ја одликуваше Мојсов за нејзиниот извонреден и фундаментален придонес кон светската наука и афирмацијата на државата во меѓународните интелектуални кругови.
„Со ова највисоко државно одликување – орденот „8 Септември“ ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи како држава. Ја чувствувате ли светлината на Светлана во овој простор? Јас ја чувствувам“
кажа Сиљановска-Давкова.
Во своето обраќање Сиљановска-Давкова зборуваше за научноистражувачка работа на Мојсов, особено за нејзиниот придонес во синтезата на пептиди и истражувањата поврзани со глукагонот, врз кои денес се базираат терапиите за дијабетес и дебелина.

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
„Судбината решила таа да биде и „наша“ – Македонка, родена во Скопје, во Македонија. Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе. Нејзините први претстави за стварноста, сензибилитетот за животот, се формирале овде, во овие простори во кои, наспроти сегашната скромна состојба, сè уште трае одекот на една длабока интелектуална, духовна и просветителска традиција. Затоа, ние мислиме дека имаме право да ја наречеме и „наша“, и да ѝ се заблагодариме и да се гордееме со неа и со нејзиното грандиозно дело од значење за светската наука“,
истакна претседателката.

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 г. во Скопје каде што завршила основно и средно образование. Високото образование го завршува на Природно-математичкиот факултет, насока физичка хемија, на Универзитетот во Белград каде што дипломирала во 1971 г. Во 1972 г. се запишала на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк. Работела под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд. Работела на синтеза на пептиди. Методата која ја развивала со нејзиниот ментор придонела во созревањето на биохемијата како наука којашто во тоа време сè уште не е доволно етаблирана. Но, како резултат од нејзината повеќегодишна макотрпна научно-истражувачка работа произлезени се дури 10 значајни патенти.
Таа е добитничка на бројни светски награди и признанија. Во земјава, таа ја доби Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, прогласена е за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, а предложена е и за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Мојсов од 23-26 септември беше дел од Конгресот на хемичари и технолози што се одржа во Охрид, каде ја сподели научната приказна за откритијата што помогнаа да се развијат нови терапии за дијабетес и дебелина.
