Од ХЕРА бараат и да се зголеми финансирањето на државните програми за контрацепција, со посебен фокус на младите и лицата кои се соочуваат со економски и други бариери, како и обезбедување достапни, доверливи и научно засновани информации и советување за сексуалното и репродуктивното здравје, вклучително и за современите методи на контрацепција, преку сеопфатното сексуално образование
Контрацепцијата треба да биде прашање на информиран личен избор, а не на тоа колку некој може да си дозволи, каде живее или дали има пристап до навремени и точни информации, велат од невладината организација ХЕРА, по повод Светскиот ден на контрацепцијата, кој годинава се одбележува под мотото „Избор без бариери“.
Од ХЕРА посочуваат и дека зад правото на избор мора да стои и функционален здравствен систем кој обезбедува достапна контрацепција, квалитетно советување и услуги за сексуално и репродуктивно здравје.
„Според последните достапни национални податоци од Истражувањето на повеќекратни индикатори (MICS) 2018–2019 на УНИЦЕФ, 43,9% од паровите на возраст од 15 до 49 години кои се во брак или заедница во Северна Македонија користат прекинат сексуален однос како метод за спречување бременост, додека современа контрацепција користат само 14%. Ова покажува дека традиционалните методи и понатаму имаат значително место во практиките за спречување бременост, додека употребата на современи методи останува ниска“,
се наведува во соопштението од ХЕРА.
Состојбата, како што велат, е особено загрижувачка кај младите. Според податоците, околу 14% од младите жени на возраст од 20 до 24 години користат современ контрацептивен метод, додека 38,6% се потпираат на прекинат сексуален однос. Кондом користат 11% од младите жени во оваа возрасна група.

Од ХЕРА апелираат, современите контрацептивни средства да се стават на позитивната листа на лекови и да се обезбеди пристап до квалитетно советување и услуги за сите.
„Ниската употреба на современа контрацепција не е само прашање на личен избор. Кога методите не се финансиски достапни или не се обезбедени преку здравствениот систем, изборот не е еднаков за сите. Иако во 2026 година контрацептивните лекови се вклучени на Есенцијалната листа, тие и понатаму не се покриени од задолжителното здравствено осигурување. Затоа, следниот чекор е нивно вклучување на Позитивната листа на лекови, со што контрацепцијата ќе стане финансиски подостапна за граѓаните“,
велат од организацијата.
Од ХЕРА бараат и да се зголеми финансирањето на државните програми за контрацепција, со посебен фокус на младите и лицата кои се соочуваат со економски и други бариери, како и обезбедување достапни, доверливи и научно засновани информации и советување за сексуалното и репродуктивното здравје, вклучително и за современите методи на контрацепција, преку сеопфатното сексуално образование.
