Експлозијата се случила во петокот околу 7 часот и 45 минути, а првичните информации се дека станува збор за истекување на природен гас
Шест лица загинаа при експлозија што во петокот се случи во зграда во центарот на Атина, Грција. Меѓу жртвите се четворица американски туристи кои престојувале во изнајмен стан, како и двајца станари – повозрасен брачен пар британски државјанин и Гркинка, пренесуваат грчките медиуми.
Зградата во која се случила експлозијата е целосно урната, а поголема штета е предизвикана и на околните објекти во населбата Плака. Според информациите во локалните медиуми има повредени и случајни минувачи, а две жени од соседните згради биле евакуирани.

Експлозијата се случила во петокот околу 7 часот и 45 минути, а првичните информации се дека станува збор за истекување на природен гас.
Од полицијата информираат дека операцијата за пребарување на телата започнала веднаш по експлозијата и непрекинато траела во текот на ноќта. Вклучени биле 30 пожарникари со шест возила, од кои две специјализирани спасувачки возила, како и три кучиња за пребарување и спасување.
Населбата Плака, каде што се случи експлозијата е една од најпрометните атински населби и најпопуларната туристичка локација, во непосредна близина на Акропол.
