„На јавната обвинителка не ѝ е првпат да етикетира, но јас живеев за денот кога ќе дојде моментот да можам да зборувам затоа што сум цел на јавен линч од конструиран случај наречен ‘Рекет’“.
Вака Бојан Јовановски-Боки 13 му се обрати на судот на првиот ден од судењето за случајот „Рекет“ во кој е првообвинет.
Тој најави дека ќе сведочи за сите инволвирани за, како што рече, организаторот, помагачите и за сето тоа ќе бидат поднесени кривични пријави преку неговиот бранител.
„Доволна беше сензацијата на споменувањето на моето име, иако на јавниот обвинител не му е првпат да етикетира, па тоа го направи и во овие воведни зборови, нарекувајќи ме самонаречена естрадна ѕвезда. Доволна беше сензацијата на моето име и на Катица Јанева за преку овој предмет за пет месеци да се направи јавен линч и загрозување на мојот живот. Воедно, преку овој предмет се водат валкани политички игри кои се ставаат на наши плеќи, а неподготвеноста на обвинителство да нè заштити беше доволно да дојде до сензации и уништување на еден медиум“, рече Јовановски откако ги ислуша воведните зборови на обвинителката Вилма Русковска.
Настапот на Русковска го нарече брутален и констатира дека е само продолжение на она што целата македонска јавност можеше да го слушне – на настапот со тресењето од гаќи.
„Тој брутален настап отвора сомнеж дека обвинителката така ќе се однесува и со овој судечки совет“, истакна Јовановски.
Тој зборуваше и за ташната „Луј Витон“ посочувајќи дека снимките од камерите од домот на неговите родители ќе откријат каде завршила таа. Ташната јавноста можеше да ја види во снимките кои ги објави италијанскиот весник „ла Верита“ односно како со неа, Јовановски и Милески излегуваат од домот на Орце Камчев.
Понатаму, во воведните зборови Јовановски говореше за неговата позиција во 1 ТВ за која рече дека се затворила поради непочитување на пресумцијата на невиност, сатанизирањето на моето име, како и за влошената здравствена состојба, за која причина е притворот од 15 јули и двете, како што ги нарече, неуспешни операции направени во болницата каде што сопственик е Јордан Камчев.
„За да има влијание, некој треба да има и реален авторитет. Единствената поврзаност со Јанева ми е што нејзиниот син беше вработен во 1 ТВ“, рече Јовановски.
На крајот, Боки 13 најави дека ќе ги повика меѓународната заедница, Американската амбасада, амбасадите на Франција, на ЕУ и целата стручна правна јавност да го следат судскиот процес.
Во текот на денешното прво рочиште третообвинетиот Зоран Милески призна вина, додека Боки 13 и ексспецијалната јавна обвинителка Јанева негираа дека се виновни за кривичните дела за кои се обвинети во случајот „Рекет“.
Повеќе детали за стартот на судењето, обвинението, судијката која го води рочиштето и делата што им се ставаат на товар на обвинетите можете да прочитате ТУКА.