Според сомнежите, Башта ја предизвикал штетата додека бил директор на претпријатието, одобрувајќи неосновани донации за различни спортски клубови. Меѓу нив имало помали фудбалски и кошаркарски клубови, како и еден коњички клуб
Поранешниот министер за економија на Србија, Раде Башта, е уапсен по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, под сомнение дека го оштетил јавното претпријатие „Белградски електрани“ за повеќе десетици милиони динари, пренесува Н1.

Според сомнежите, Башта ја предизвикал штетата додека бил директор на претпријатието, одобрувајќи неосновани донации за различни спортски клубови.
Меѓу нив имало помали фудбалски и кошаркарски клубови, како и еден коњички клуб.
Припадници на Службата за борба против корупцијата спроведуваат акција за апсење и претрес на простории. Според неофицијални информации на Радио-телевизија Србија (РТС), приведени се уште неколку лица кои се поврзуваат со Башта.
Раде Башта беше министер за економија од октомври 2022 до 2023 година, кога беше разрешен од функцијата.
До неговото разрешување дојде откако побара Владата итно да се изјасни за воведување санкции кон Русија поради агресијата врз Украина. По тоа, тој го формира движењето „Европски пат“.
Башта беше назначен за министер како член на партијата Единствена Србија, која исто така бараше негово разрешување од партиските и јавните функции по неговите изјави за воведување санкции кон Русија.
Како што пренесува РТС, во изминатите две недели во Србија се уапсени повеќе од 90 лица, во серија полициски акции што следувале по предвремените парламентарни избори одржани на 25 октомври.
Меѓу приведените има високи полициски функционери, претставници на државни институции, банкари и локални функционери.
Акциите се спроведуваат во повеќе одделни случаи, поврзани со сомневања за злоупотреба на службената положба, перење пари, незаконско располагање со буџетски средства и други кривични дела.
