Безбедносните процени за Бесент биле заострени откако „Волстрит журнал“ објавил фотографија од воздух на неговата куќа во Џорџтаун, вредна 12,5 милиони долари, со што било овозможено да се утврди нејзината точна локација
Според „Њујорк тајмс“, американските власти оценуваат дека способноста на Иран да изведе големи напади на територијата на САД и во други странски земји е ограничена
Американскиот министер за финансии Скот Бесент бил преместен од својата резиденција во Вашингтон во воена база на САД поради закани по неговиот живот од Иран, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.

Според информациите, безбедносните процени за Бесент биле заострени откако „Волстрит журнал“ објавил фотографија од воздух на неговата куќа во Џорџтаун, вредна 12,5 милиони долари, со што било овозможено да се утврди нејзината точна локација.
Бесент е еден од клучните функционери во американската кампања за економски притисок врз Иран, наречена „Операција економски отпадник“, која се спроведува од август. Целта на кампањата е да го принуди Техеран да ги прекине нападите врз бродскиот сообраќај и повторно да го отвори Ормускиот Теснец.
Американскиот притисок врз Иран се спроведува паралелно со поморската блокада на иранските пристаништа и вклучува санкции врз банкарски филијали и финансиски компании на Блискиот Исток кои овозможуваат трансакции со Иран.
„Министерот нема да биде заплашен од заканите на иранскиот режим и останува посветен на спроведувањето на операцијата и одржувањето на блокадата, кои заедно ја уриваат иранската економија“,
изјавил портпарол на американското Министерство за финансии.
Кон крајот на октомври, висок разузнавачки претставник во администрацијата на Доналд Трамп предупредил во меморандум дека иранските планови за напади врз американски службеници и граѓани достигнале напредна фаза.
Сепак, според информациите објавени од „Њујорк тајмс“, американските власти оценуваат дека способноста на Иран да изведе големи напади во САД и на други странски територии е ограничена.
Иран претходно негираше дека планира напади врз американски функционери и граѓани на американска територија.
Бесент ја презеде функцијата министер за финансии во јануари 2025 година, а неговото преселување во воена база доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран, по американско-израелските напади врз Иран и израелските напади врз Либан.
