„Мојот став е ист како оној на Владата, силно го осудуваме овој кривично-правен настан. Лицето што е сторител на овој настан е обезбедено и во моментот трае распит за да ги видиме мотивите и што придонело да се случи ова“, рече премиерот во телевизиско гостување
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди денешниот инцидент во кој се опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, посочувајќи дека сторителот е брзо идентификуван и приведен од страна на полицијата.

Во гостување во централниот дневник на ТВ Алсат, премиерот изјави дека Владата силно го осудува овој настан и дека во тек е распит на осомничениот со цел да се утврдат мотивите за делото.
„Мојот став е ист како оној на Владата, силно го осудуваме овој кривично-правен настан. Лицето што е сторител на овој настан е обезбедено и во моментот трае распит за да ги видиме мотивите и што придонело да се случи ова“,
кажа тој.
На прашањето дали станува збор за изолиран случај, премиерот посочи дека би се воздржал од дополнителни коментари додека трае истрагата, додавајќи дека осомничениот веќе го признал делото и дека повеќе детали се очекуваат по завршувањето на распитот.
Осврнувајќи се на комуникацијата со бугарските институции, Мицкоски рече дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е во постојан контакт со официјална Софија.
„Ме информираше министерот дека разговарал со неговата колешка. Од наша страна ставот е јасен, силно го осудуваме настанот. Лицето го обезбедивме за помалку од три часа и уште еднаш покажавме дека институциите функционираат беспрекорно. Сега треба да ги утврдиме мотивите за овој кривично-правен настан“,
рече Мицкоски.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека е апсен 44-годишен маж што попладнево ги запали возилата на бугарската амбасада во Скопје.
„Во краток временски период е идентификувано и пронајдено лицето за кое постои основано сомение дека го сторило делото. Станува збор за И.Д. (44) од Скопје. Тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица“,
велат од МВР.
Пронајдена е и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од МВР соопштија и дека во кооридинација со јавен обвинител се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, а против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.
На својата веб-страна МВР го објави истото видео што денеска го проследија и бугарските медиуми, а на кое се гледа сторителот што денеска опожари две возила пред бугарската амбасада во Скопје.
На видеото е прикажано како едно лице се приближува кон возилата што се паркирани на тротоарот пред Амбасадата. Додека се упатува кон нив, лицето од пластична кеса вади шише со непозната течност и ги полева возилата. Потоа се гледа како предниот дел од автомобилот „сузуки“ гори, а лицето што го предизвика запалувањето бега.
Осуда за палењето на возилата стигна од македонските власти и од бугарското Министерството за надворешни работи.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија рекоа дека палењето на возилата е резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза.
Во реакцијата упатија критики до македонските институции поради недостатокот на соодветен одговор во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост кај сторителите.
