Во краток временски период, како што велат од полицијата, е идентификувано и пронајдено лицето за кое постои основано сомение дека го сторило делото. Станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е лишен од слобода и задржан во полициска станица
Пронајдена е и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото
Уапсен е 44-годишен маж што попладнево ги запали возилата на бугарската амбасада во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму соопштија дека веднаш по пријавата за пожарот, која е примена денеска во 12:13 часот, полициските служеници на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје презеле интензивни мерки и активности за расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителот.
„Во краток временски период е идентификувано и пронајдено лицето за кое постои основано сомение дека го сторило делото. Станува збор за И.Д. (44) од Скопје. Тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица“,
се вели во полициското соопштение за случајот.
Пронајдена е и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од МВР соопштија и дека во кооридинација со јавен обвинител се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.
„Против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка“,
информираат од полицијата.
На својата веб-страна МВР го објави истото видео што денеска го проследија и бугарските медиуми, а на кое се гледа сторителот што денеска опожари две возила пред бугарската амбасада во Скопје.
На видеото е прикажано како едно лице се приближува кон возилата што се паркирани на тротоарот пред Амбасадата. Додека се упатува кон нив, лицето од пластична кеса вади шише со непозната течност и ги полева возилата. Потоа се гледа како предниот дел од автомобилот „сузуки“ гори, а лицето што го предизвика запалувањето бега.
Осуда за палењето на возилата стигна од македонските власти и од бугарското Министерството за надворешни работи.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија рекоа дека палењето на возилата е резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза.
Во реакцијата тие упатуваат критики до македонските институции поради, како што велат, недостатокот на соодветен одговор во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост кај сторителите.
Од МВР соопштија дека двете опожарени дипломатски возила се сопственост на бугарската амбасада и дека случајот е пријавен денеска околу 12:13 часот.
Според соопштението од МВР, полициски службеници излегле на местото и констатирале дека делумно биле опожарени патничко возило „киа“ и патничко возило „сузики“, сопственост на амбасадата.
