Во таа насока, оттаму информираат дека Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности повразни со настанот
По Владата, попладнево и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија излезе со соопштение во кое најостро се осудува опожарувањето на дипломатските возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Како и Владата, и во соопштението на МНР се сугерира дека возилата се намерно опожарени.
Во таа насока, оттаму информираат дека Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот“,
се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од Министерството за внатрешни работи попладнево за „360 степени“ потврдија дека двете опожарени дипломатски возила се сопственост на бугарската амбасада и дека случајот бил пријавен околу 12:13 часот.
Според соопштението од МВР, полициски службеници излегле на местото и констатирале дека делумно биле опожарени патничко возило „киа“ и патничко возило „сузики“, сопственост на амбасадата.
Во пожарот нема повредени лица и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од Министерството.
Остро осудувајќи го опожарувањето на возилата, од Владата порачаа дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран и оти државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила и нема да дозволи поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија.
Во таа насока, оттаму наведоа дека надлежните институции веќе преземаат интензивни марки за целонсо расчистување на случајот и откривање на сторителите.
„Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи“,
порачаа од Владата.
Екипа на „360 степени“ беше на местото на настанот, каде што беа двете возила, а на коловозот беа забележливи траги од гаснењето на пожарот, додека минувачи заинтересирано прашуваат што се случило и правеа фотографии.

Од скопската Противпожарна бригада во телефонски разговор за „360 степени“ рекоа дека дека по брзата интервенција огнот е изгаснат.
На местото можеа да се забележат екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР), како и вешти лица кои ги испитуваа причините за пожарот.
На тротоарот пред зградата беа излезени неколкумина вработени од Амбасадата кои разговараа со полицијата.
