Со овие 500 илјади дози од „Синовак“ и со 100 620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат, откако изминатиот период, поради малата количина на дози со кои располагаше нашата земја, вакцинацијата се успори
Пратката од 500 000 вакцини против Ковид 19, кои Министерството за здравство ги купи од кинескиот производител „Синовак“, денеска треба да пристигне на меѓународниот аеродром во Скопје.
„Еве ги официјалните карактеристики на вакцината ‘Синовак’ објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица“,
напиша министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук, објаснувајќи ги карактеристиките на вакцината, по дебата во јавноста, врз основа на информации објавени во стручни списанија, дека има помала ефикасност.
Со овие 500 илјади дози од „Синовак“ и со 100 620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат, откако изминатиот период, поради малата количина на дози со кои располагаше нашата земја, вакцинацијата се успори.
Министерството за здравство најави до 15 јули ќе бидат вакцинирани околу 462 211 граѓани пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk.
Вчера беа вакцинирани 8 792 граѓани, а вкупно се аплицирани 510 351 дози вакцини. Целосно вакцинирани во земјава се 214 571 граѓани.
Со последните бројки, 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 45 проценти над 65 години. Од граѓаните над 60 години, 38 отсто имаат примено барем една доза.
Во меѓувреме, според податоците, епидемиолошката слика во земјава и натаму бележи позитивен тренд. Вчера не беше регистрирано ниту едно починато лице од ковид-19. Беа евидентирани само шест новозаразени од направени 3 147 тестирања и четворица оздравени.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155 669, бројката на оздравени пациенти е 149 950, на починати е 5 484, а бројот на активни случаи изнесува 235.
Најмногу активни случаи има во Скопје и тоа 88, потоа следува Куманово со 28, Тетово 22, Прилеп 18, Охрид 17, Кичево 16. Во 12 општини нема ниту еден активен случај, а во девет само по еден заразен со коронавирусот.