Вкупно 500 илјади вакцини против ковид-19 од кинескиот производител „Синовак“ утре ќе пристигнат во земјава. Како што информира Министерството за здравство, државната секретарка во Министерството, Иванка Стојаноски и амбасадорот на Народна Република Кина во земјава, Џанг Ѕуо, утре ќе ја преземат пратката со вакцини од меѓународниот аеродром во Скопје.
Станува збор за вакцини што Министерството за здравство ги купи од кинескиот производител „Синовак“. Претходно, министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека ќе следува масовна вакцинација во сите вакцинални пунктови низ државата и повтори дека имунизацијата штити и од индискиот сој на вирусот.
„Кинеските вакцини стигнуваат со два авиона в недела. Во 14 и во 16 часот по 250 илјади слетуваат на аеродромот во Скопје. Направен е план за складирање на две места, во Поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина каде што има доволно капацитет да се сместат во ладните соби“,
рече Филипче.