Вакцината „Синовак“ покажала ефикасност меѓу 50 и 90 проценти во различни студии и во моментов е одобрена за употреба во Кина, Индонезија, Бразил и Турција
Светската здравствена организација (СЗО) на 1 јуни ја одобри кинеската вакцина „Синовак“ за итна употреба, што е сигнал до националните регулатори дека и оваа втора кинеска вакцина е безбедна за употреба.
Исто така, овој потег дава можност оваа вакцина да биде вклучена во програмата Ковакс, за дистрибуција на вакцини во сиромашните земји.
Од седиштето на СЗО во Женева објавија дека се завршени сите проверки и инспекции на вакцината „Синовак“, вклучително и оние спроведени во погоните каде што се произведува.
Во соопштението на СЗО се наведени резултатите од истражувањето поврзано со вакцината „Синовак“, која според овие податоци спречува 51 процент од појава на симптоматски болести и обезбедува стопроцентна заштита од потешки форми на заболување и хоспитализација.
СЗО понатаму наведува дека вакцината „Синовк“ е неактивна, лесна за чување и како таква лесно достапна.
Советничката група САГЕ, која дава совети на СЗО за употреба на вакцини, исто така објави дека се извршени сите истражувања поврзани со вакцината „Синовак“ и дека се советува да се имунизираат сите возрасни со две дози на растојание од две и четири недели.
СЗО не препорача горна граница за употреба на вакцината.
Европската агенција за лекови (ЕМА) во мај започна тестирање на „Синовак“, врз основа на претходните тестови кои покажаа дека произведува имунолошки одговор против коронавирусот.
Тоа е прва кинеска вакцина тестирана од ЕМА со овој метод. Таквиот метод им овозможува на истражувачите да ги потврдат податоците дури и пред да бидат објавени конечните резултати, што го забрзува процесот на одобрување.
Вакцината „Синовак“ покажала ефикасност меѓу 50 и 90 проценти во различни студии и во моментов е одобрена за употреба во Кина, Индонезија, Бразил и Турција.
Вакцината содржи неактивирани верзии на коронавирусот што му помагаат на телото да создаде имунолошки одговор.
„Синовак“ на почетокот на април објави дека е отворена трета фабрика за производство на својата вакцина, двојно зголемување на капацитетот на две милијарди дози годишно. Компанијата објави дека 200 милиони дози се веќе испратени низ целиот свет.