Овој потег дава можност оваа вакцина да биде вклучена во програмата Ковакс, за дистрибуција на вакцини во сиромашните земји
Светската здравствена организација (СЗО) ја одобри кинеската вакцина „Синовак“ денеска за итна употреба.
Ова е сигнал до националните регулатори дека и оваа втора кинеска вакцина е безбедна за употреба.
Исто така, овој потег дава можност оваа вакцина да биде вклучена во програмата Ковакс, за дистрибуција на вакцини во сиромашните земји.
Од седиштето на СЗО во Женева објавија дека се завршени сите проверки и инспекции на вакцината „Синовак“, вклучително и оние спроведени во погоните каде што се произведува.
„Денес СЗО одобри итна употреба на вакцината ‘Синовак-КоронаВак’ против коронавирус“,
се вели во соопштението, нагласувајќи дека ова е гаранција дека вакцините се сигурни и ги исполнуваат меѓународните стандарди.
СЗО понатаму наведува дека вакцината „Синовк“ е неактивна, лесна за чување и како таква лесно достапна.
Советничката група САГЕ, која дава совети на СЗО за употреба на вакцини, исто така објави дека се извршени сите истражувања поврзани со вакцината „Синовак“ и дека се советува да се имунизираат сите возрасни со две дози на растојание од две и четири недели.
СЗО не препорача горна граница за употреба на вакцината.
Во соопштението на СЗО се наведени резултатите од истражувањето поврзано со вакцината „Синовак“, која според овие податоци спречува 51 процент од појава на симптоматски болести и обезбедува стопроцентна заштита од потешки форми на заболување и хоспитализација.
На почетокот на овој месец СЗО ја одобри „Синофарм“.