Од Стејт департментот го повикаа Курти да соработува со Борел и Лајчак за да може да се постигне правичен компромис откако вчера косовскиот премиер го обвини Брисел дека се откажал од предлогот за регистарските таблички и од рокот март 2023 година да биде краен датум за нормализација на односите
САД се разочарани што лидерите на Србија и Косово не успеаја да се договорат за решение за спорот со регистарските таблички, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, по вчерашните неуспешни преговори помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Во соопштението од Прајс се порачува дека Курти и Вучиќ треба да направат отстапки за да не биде загрозен деценискиот мир во и онака кревкиот регион.
„Го повикуваме премиерот Курти да соработува со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел и со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, за да се постигне правичен компромис“,
пишува во соопштението.
Прајс наведува дека САД се приклучуваат на повиците на ЕУ до Косово веднаш да ги откаже планираните мерки што би довеле до ескалација на тензиите, меѓу кои и казните за возачите што не ги замениле српските таблички со косовски.
„Двете страни треба да се воздржат од преземање провокативни чекори, да ги исполнат своите обврски во рамки на дијалогот што го води ЕУ и конструктивно да се ангажираат за изнаоѓање одржливо решени“,
наведува Прајс.
Вчерашниот состанок во Брисел, кој не доведе до договор, дојде среде кризата предизвикана од регистарските таблички издадени од српските власти, кои косовската страна ги смета за незаконски. Косовските власти најавија дека од 21 ноември ќе почнат со наплата на казни од 150 евра за возачите кои не ги пререгистрирале возилата на табличките РКС (Република Косово). Но, косовската полиција во неделата најави дека од вторник, 22 ноември, ќе почне со наплата на казните. По неуспешните преговори вчера, Курти кажа дека предлогот од ЕУ бил неприфатлив и обвини дека Борел и ЕУ се откажале од нивниот предлог и од рокот март 2023 да биде краен датум за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово.
Утрово, пак, стигна веста дека тој го прифатил предлогот од САД за 48 часа да го одложи најавеното спроведување на одлуката за изрекување казни.
Вучиќ, пак, по состанокот изјави дека не му е јасно зошто не постигнале договор и посочи дека Србија ќе ги послуша советите Борел, кој побарал Косово да не применува казни, а Србија да не издава нови регистарски таблички.