Вучиќ изјави дека Србија ќе ги послуша советите на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, „кој побара тие (Косово) да не применуваат казни, а ние (Србија) да не издаваме нови регистарски таблички“
Српскиот претседател, Александар Вучиќ по итниот состанок во рамките на дијалогот Белград-Приштина изјави дека не бил постигнат никаков договор од нејасни причини. Денешниот состанок во Брисел го свика Европската Унија (ЕУ) поради кризата со регистарските таблички на Косово.
Вучиќ изјави дека Србија ќе ги послуша советите на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, „кој побара тие (Косово) да не применуваат казни, а ние (Србија) да не издаваме нови регистарски таблички“.
„Ќе слушаме и ќе видиме што ќе направи другата страна. На сите им е јасно кој сакаше договор, зачувување на мирот и стабилноста, а кој не. Инсистиравме дека потпишаните договори мора да се почитуваат“,
рече Вучиќ.
Тој изјави дека ќе ја чека изјавата и на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и тврди дека „од нему нејасни причини не успеавме да постигнеме апсолутно никаков договор“.
„Српската страна беше целосно конструктивна и десет пати ги прифаќавме текстовите што беа менувани, но албанската страна не беше подготвена. Се што можам да кажам сега е дека сакам да соберам впечатоци. Ќе му се обратам на нашиот народ. Имаме непроспиени ноќи и ни претстојат многу тешки денови“,
изјави Вучиќ.
Тој повтори дека српската страна инсистирала дека потпишаните договори мора да се почитуваат
„Секогаш е камен на сопнување, што некои не сакаат да го спроведат потпишаното и договореното, туку би сакале да спроведат нешто за што не се ни разговарало“,
изјави тој за новинарите во Брисел по средбите.
Во понеделникот наутро, нешто по 8 часот, Борел првo се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти, a потоа, околу 9 часа имал разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
По одвоени разговори се одржа заедничка, таканаречена трилатерална средба меѓу ЕУ, Србија и Косово, а европската страна на средбата, освен Борел, ја претставуваше и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.
Во меѓувреме Вучиќ на Инстаграм објави како игра шах додека го чека крајот на билатералниот состанок меѓу Приштина и Брисел.
Денешниот итен состанок во Брисел доаѓа среде кризата предизвикана од регистарските таблички издадени од српските власти, кои косовската страна ги смета за незаконски.
Косовските власти најавија дека од 21 ноември ќе почнат со наплата на казни од 150 евра за возачите кои не ги пререгистрирале возилата на табличките РКС (Република Косово). Но, косовската полиција во неделата најави дека од вторник, 22 ноември, ќе почне со наплата на казните.
Европската унија смета дека станува збор за „најсериозната криза од 2013 година“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Во очи средбата шефот на европската дипломатија Борел на Твитер напиша дека закажал „итна средба“ со Вучиќ и Курти, а во соопштението на прес-службата на ЕУ беше наведено дека целта е да се најде решение за тензиите меѓу Косово и Србија.
I am convening an emergency meeting of the Belgrade -Pristina Dialogue tomorrow with Prime Minister @albinkurti and President @predsednikrs
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) November 20, 2022
We need de-escalation of the situation, stop going from permanent crisis management & start advancing on normalisation of relations instead
Американскиот Стејт департмент вчера објави дека Соединетите Американски Држави (САД) се надеваат дека Србија и Косово ќе постигнат договор „во наредните денови со поддршка на специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ)“.
„Ние активно ги поддржуваме овие напори. САД се согласуваат со ЕУ дека неодамнешните настани се вознемирувачки и го загрозија важниот напредок постигнат во дијалогот што го води Европската унија“,
се вели во писмениот одговор на Стејт департментот до Радио Слободна Европа (РСЕ) за очекувањата од средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Исто така, се нагласува дека „сите страни мора да преземат чекори за намалување на тензиите и обезбедување мир и стабилност“.
„Акциите и реториката што ја зголемуваат можноста за насилство ги ставаат невините животи и животите на меѓународните мировници на терен на непотребен ризик“,
соопшти Стејт департментот.
Инаку, ситуацијата уште повеќе се искомплицира откако на 5 ноември припадниците на српската заедница на север ги напуштија косовските институции, противејќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата.
Иако ја оценија одлуката за спроведување на договорот за легитимна, претставниците на меѓународната заедница побараа од официјална Приштина да го одложи спроведувањето за десет месеци, што косовските власти го одбија.
Разочарување од оваа постапка изразија и претставниците на ЕУ и Соединетите Американски Држави (САД).