Иранската Револуционерна гарда тврди дека лансирала шест дронови врз американски радар за противвоздушна одбрана во хеликоптерската база Ал-Рифа, како одговор на, како што наведува, непријателските американски потези

Бахреин денеска објави дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала и уништила неколку ирански воздушни закани, додека Техеран соопшти дека нападнал американска воена база во тоа заливско кралство.
Иранската Револуционерна гарда тврди дека лансирала шест дронови врз американски радар за противвоздушна одбрана во хеликоптерската база Ал-Рифа, како одговор на, како што наведува, непријателските американски потези. Американските и бахреинските власти засега не потврдија дека базата е погодена.
Станува збор за први вакви пресретнувања на ирански напади во Бахреин од септември. Властите претходно двапати го предупредија населението на можни закани и го повикаа да побара засолниште.
Бахреин е седиште на Петтата флота на американската воена морнарица и една од земјите од Персискиот Залив кои се најдоа на удар на иранските напади по почетокот на американско-израелската војна против Иран на 28 февруари.
И покрај дипломатските напори за ставање крај на речиси деветмесечниот судир, повремените напади продолжуваат. Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека би можел да ги одложи новите напади врз Иран доколку Техеран и јеменските Хути не преземат нови провокации, но дека американската поморска блокада ќе остане на сила.
Тензиите продолжуваат и во Јемен. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија објави дека пресретнала две балистички ракети на Хутите насочени кон Ријад, како и три дронови над Источната провинција, богата со нафта.
