Како што информираат од Центарот за јавно здравје во Штип, извршен е увид во објектот на операторот со храна кој обезбедува исхрана за правното лице во ТИРЗ – Штип. Наложено е генерално механичко чистење на објектот, како и спроведување дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Извршени се и вонредни санитарни прегледи на вработените, додека од храната и од работните површини во кујната се земени мостри за микробиолошка анализа
Пријавено е труење со храна кај шестмина вработени во фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) – Штип, информираат од штипскиот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ).

По пристигнувањето на пријавата, како што информираат од здравствената установа, епидемиолози веднаш излегле на терен и презеле мерки согласно националниот протокол во случај на појава на алиментарни инфекции и интоксикации.
„Извршен е увид во објектот на операторот со храна кој обезбедува исхрана за правното лице во ТИРЗ – Штип“,
се вели во соопштението од ЦЈЗ во Штип.
Оттаму додаваат дека со одговорните лица и персоналот е извршен едукативен разговор за приемот, подготовката, чувањето и складирањето на храната, а дадени се и препораки за отстранување на утврдените недостатоци.
Во рамките на вонредниот надзор е наложено генерално механичко чистење на објектот, како и спроведување дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Извршени се и вонредни санитарни прегледи на вработените, додека од храната и од работните површини во кујната се земени мостри за микробиолошка анализа.
Од Центарот за јавно здравје во Штип најавуваат дека и во наредниот период ќе ја следат состојбата и ќе ја информираат јавноста, а доколку се појават нови случаи, ќе бидат преземени дополнителни мерки согласно законската регулатива.
