„Проблемот е во власта и во Христијан Мицкоски, кој упорно инсистира на решенија што отвораат простор за изборни злоупотреби. СДСМ нема да дозволи изборен грабеж. Ќе го браниме гласот на секој граѓанин, ќе се спротивставиме на секој обид за манипулација и ќе ја заштитиме слободната волја на граѓаните“, се вели во реакцијата на СДСМ на денешната изјава на Мицкоски
Сакаме да не ги крадеш гласовите на граѓаните на избори, преку дијаспората, се вели во реакцијата од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски во која ја повика опозицијата да не го кочи носењето на Изборниот законик и да излезе со конкретен предлог.

„Мицкоски вели да сме кажеле што сакаме за Изборниот законик, ќе прифател. Кажуваме, сакаме да не ги крадеш гласовите на граѓаните на избори, преку дијаспората. Бидејќи се потврди дека на Христијан Мицкоски и на ВМРО не им е ниту до реформи, ниту до подобрување на Изборниот законик, ниту до политички консензус. Нивната цел е само една – изборен грабеж. Сè друго се лаги, изговори и спинови со кои се обидуваат да ја прикријат вистината“,
се наведува во реакцијата од опозициската партија.
Оттаму повторуваат дека премиерот Мицкоски првин на сила, без политички консензус и спротивно на воспоставените демократски практики ја укинал техничката влада на 100 дена пред избори, а сега се обидува да „протне“ модел за електронско гласање на дијаспората без соодветни механизми за контрола и гарантирање на изборниот интегритет.
Откако тој обид не му поминал, велат од СДСМ, премиерот предложил нов модел – дијаспората да гласа по пошта, што според социјалдемократите повторно не нуди контрола и механизми што ќе ја гарантираат слободно изразената волја на граѓаните.
Дополнително, од СДСМ велат дека Мицкоски првин рекол оти прифаќа промена на изборниот модел со една изборна едница, а сега бара, како што велат, некој друг да се договори околу ова прашање.
„Само лаги и спинови зад кои се крие барањето начин да манипулира со околу 200 000 гласови од дијаспората. Во меѓувреме, реформската агенда ја користи само како изговор и алиби за сопствената неспособност да ги реализира обврските од евроинтеграцискиот процес“,
велат од СДСМ.
Во тој контекст, од партијата обвинуваат дека единствен виновник за тоа што нема консензус за Изборниот законик е премиерот Христијан Мицкоски и дека проблемот не е во опозицијата.
„Проблемот е во власта и во Христијан Мицкоски, кој упорно инсистира на решенија што отвораат простор за изборни злоупотреби. СДСМ нема да дозволи изборен грабеж. Ќе го браниме гласот на секој граѓанин, ќе се спротивставиме на секој обид за манипулација и ќе ја заштитиме слободната волја на граѓаните“,
порачуваат од опозициската партија.
Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Битола, рече дека владејачкото мнозинство се обидело да даде предлог кој првично бил прифатен заедно со сите други измени кои ги содржат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и оти законот бил потпишан и сè било завршено, но од Левица, иако првично биле согласни, сега прават „театар“ за малиот број гласачи кои сè уште им веруваат и оти нивните тврдења немаат никаква врска со вистината.

Потоа, додаде тој, настапила втората опозициска партија, СДСМ која поднела илјадници аманмани и дале секакви забелешки, поради што ВМРО-ДПМНЕ дал јасен предлог – опозицијата да се договори меѓусебно за сèшто сака да биде инкорпорирано во Изборниот законик, но да го содржи барањето за вклучување на гласањето на дијаспората. Мицкоски рече дека опозицијата ќе добие бланко поддршка од владејачкото мнозинство за сè што ќе договори, но, додаде, и по неколку дена оттаму не пристигнал никаков одговор.
„Рековме дајте да завршиме до 15 јули за десет чекори да ни бидат успешно завшрени, чекаме, неколку дена поминаа, чекаме уште, немаме усогласен став на опозицијата, мислам на Левица, СДСМ, ДУИ и дел од пратениците кои не знам како функционираат, пратениците на Села, Таравари… од страна на владејачката група имаме усогласен став, кажете што сакате, ставете го на хартија“,
рече Мицкоски.
Од Левица претходно денеска излегоа со став дека власта не може истовремено да биде предлагач, арбитер и жртва и доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина смета оти моделот на една изборна единица е исправно решение, потребно е да застане зад ветувањата кои сама ги дала, наместо да се крие со изговор оти опозицијата треба прво да се договори.
