Од ССНМ нагласуваат дека професионалноста, знаењето и вештините мораат да бидат единствени критериуми за вработување, особено кога станува збор за чувствителни институции како што е контролата на летање од кое директно зависат животите и безбедноста на луѓето и на воздушниот простор на државата
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска изрази целосна солидарна поддршка на Струковиот синдикат на контролори на летање, како и на другите синдикати во М-НАВ.
„ССНМ ги поддржува сите барања на колегите синдикалци за оставки на раководството на оваа значајна институција, расчистување на случајот со упаѓање во контролата на летање и одговорност за сите вклучени“,
соопштија од ССНМ.
Од ССНМ нагласуваат дека професионалноста, знаењето и вештините мораат да бидат единствени критериуми за вработување, особено кога станува збор за чувствителни институции како што е контролата на летање од кое директно зависат животите и безбедноста на луѓето и на воздушниот простор на државата.
По последните случувања во М-НАВ, претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски, денеска беше повикан во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Тој по средбата изјави дека Делегацијата на ЕУ и амбасадите ревносно ги следат сите случувања и дека биле запознати со целата ситуација во македонското воздухопловство.
Тасевски ги повтори следните чекори на синдикатот кои што ги најави преку својот фејсбук-профил и порача дека, доколку не се испочитуваат, од 10 јануари ќе биде затворен воздушниот простор над државата.
Имено, Струковиот синдикат на контролори на летање доцна синоќа одржа вонреден состанок на кој, како што информира неговиот лидер Тасевски утрово, биле донесени четири одлуки и барања. Една од нив е и дека Синдикатот в среда ќе стапи во штрајк доколку Владата не ги разреши директорите на М-НАВ, за кои сметаат дека се виновни што институцијата е доведена во ваква состојба.
„Доколку директорите сепак не покажат доблест сами да си поднесат оставки од функциите, ја повикуваме Владата на првата наредна седница закажана за 09.01.2024 година да ги разреши сите директори и да отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, како почеток на смирување на сите тензии, но и овозможување на нормализација на сите процеси кои се неопходни за понатамошно нормално функционирање на македонската навигација. Во спротивно, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор започнувајќи од 10.01.2024 сè до исполнување на сите наши барања“,
напиша Тасевски на Фејсбук по состанокот.
Од Владата претходно синоќа најавија дека на наредната седница ќе биде предложена и донесена одлука за разрешување на целото раководство, како и на сите членови на Управниот одбор на М-НАВ.
„Воедно, претседателот на Владата ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ“,
се наведува во владиното соопштение испратено вчера доцна вечерта.
Владата најави разрешување на целото раководство на М-НАВ и ревизија на досегашното работење