Дефинитивно имавме разбирање од институции кои функционираат онака како што сакаме и ние да функционираме. Ни дадоа поддршка за сите дејствија што ни стојат на располагање. Жално е што ова одекна насекаде, рече Тасевски
По последните случувања во М-НАВ, претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски, денеска беше повикан во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Тој по средбата изјави дека Делегацијата на ЕУ и амбасадите ревносно ги следат сите случувања и дека биле запознати со целата ситуација во македонското воздухопловство.

„Тие беа премногу запознати со целата ситуација, ги разбраа нашите барања за професионализам. Дефинитивно имавме разбирање од институции кои функционираат онака како што сакаме и ние да функционираме. Ни дадоа поддршка за сите дејствија што ни стојат на располагање. Жално е што ова одекна насекаде“,
рече Тасевски.
Тој информираше дека за случувањата се известени сите синдикати од Европа со кои соработуваат и дека во знак на поддршка се организира посета на нивни претставници на земјава. Известена е и Светската организација на контролори на летање и меѓународни организации.
„Ова веќе ги поминува гаранциите од нашата држава бидејќи очигледно е дека ако останеме во рамки на нашата држава не ја добиваме потребната поддршка во однос на она што треба да се направи за да бидеме професионална контрола на летање“,
рече Тасевски.
Тасевски рече дека како синдикат побарале од МВР да ги преземе сите активности за лоцирање на виновниците за вчерашниот упад во М-НАВ и напад врз контролорите на летање, но и обезбедување на зградата на македонската навигација.
„Бараме од МВР да ги лоцира и открие сите сторители на настанот, да покренат соодветни постапки, без разлика дали лицата биле вработени, соучесници во целиот овој процес или се лица кои упаднаа. Побаравме да се делегираат лица кои ќе бидат обезбедување на објектот, бидејќи очигледно службата за обезбедување не ни е функционална штом успеаја лица кои не се вработени да влезат во објектот“,
кажа Тасевски.
Тој ги повтори следните чекори на синдикатот кои што ги најави преку својот фејсбук-профил и порача дека, доколку не се испочитуваат, од 10 јануари ќе биде затворен воздушниот простор над државата.
Имено, Струковиот синдикат на контролори на летање доцна синоќа одржа вонреден состанок на кој, како што информира неговиот лидер Тасевски утрово, биле донесени четири одлуки и барања. Една од нив е и дека Синдикатот в среда ќе стапи во штрајк доколку Владата не ги разреши директорите на М-НАВ, за кои сметаат дека се виновни што институцијата е доведена во ваква состојба.
„Доколку директорите сепак не покажат доблест сами да си поднесат оставки од функциите, ја повикуваме Владата на првата наредна седница закажана за 09.01.2024 година да ги разреши сите директори и да отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, како почеток на смирување на сите тензии, но и овозможување на нормализација на сите процеси кои се неопходни за понатамошно нормално функционирање на македонската навигација. Во спротивно, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор започнувајќи од 10.01.2024 сè до исполнување на сите наши барања“,
напиша Тасевски на Фејсбук по состанокот.
Контролата на летање в среда стапува во штрајк доколку Владата не ги разреши директорите на М-НАВ
Од Владата претходно синоќа најавија дека на наредната седница ќе биде предложена и донесена одлука за разрешување на целото раководство, како и на сите членови на Управниот одбор на М-НАВ.
„Воедно, претседателот на Владата ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ“,
се наведува во владиното соопштение испратено вчера доцна вечерта.
Владата најави разрешување на целото раководство на М-НАВ и ревизија на досегашното работење