Овој пат, за разлика од средбата на 9 февруари, тие седнаа на маса со решение за тоа како годинава ќе се полага државната матура
Попладнево во Владата средношколците од Сојузот на средношколци имаа уште една, втора по ред средба со премиерот Зоран Заев за една недела.
Овој пат, за разлика од средбата на 9 февруари, тие седнаа на маса со решение за тоа како годинава ќе се полага државната матура – да се полагаат два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно.
Средбата доаѓа откако вчера Сојузот прифати еден од предлозите кои произлегоа од дебатата што во петокот ја организираше парламентарниот Клуб на младински политики.
Денеска Сојузот на средношколци се согаси но постави неколку услови:
Првиот услов е формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот на средношколци. Во оваа група треба да учествуваат средношколци, наставници номирани од Сојузот и претставници на ДИЦ. Со групата би претседавал претставник од канцеларијата на премиерот. Планирано е групата да работи до средината на март, а за задача ќе има да одлучува кои наставни програми ќе бидат скратени за есктерните испити.
Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку три недели пред денот на испитот. Под испитни материјали се подразбираат: формат на испитот, конректни содржини и банките на прашања. Овој чекор, велат од Сојузот, ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити и значително ќе го олесни процесот на
подготовка.
Третиот услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот. Сегашниот модел доделува најмногу пет поени за несоодветен есктерен испит. Средношколците бараат бројот на поени да се зголеми на седум. Со ова, сметаат дека ќе ги заштитата матурантите кои стравуваат дека нивниот соодветен екстерен испит ќе се претвори во интерен, па тие би изгубиле на поени.
На денешната средба во Владата присуствуваа и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска, директорот на Бирото за развој на образованието Зеќирија Хасипи, Ѓорги Тасев, советник на Премиерот за млади и младински политики и пратениците Моника Зајкова и Дарко Каевски.
Во соопштението од владината прес-служба се вели дека преговорите продолжуваат во работни групи во делот на изнаоѓање најсоодветен концепт, односно модел за изведување на интерните предмети.