Вчерашната средба во Тирана, според Ковачевски, е позитивна и добредојдена со оглед, како што рече, дека во нашиот регион постојат два концепти. Едниот од нив, според него, е концептот за европска интеграција на целиот регион, предводен од него, од албанскиот и други премиери. Вториот концепт, пак, додаде тој, го предводат политичари кои сметаат дека овој регион не треба да биде интегриран во Европската Унија
Вчерашната средба на лидерите на партиите на Албанците од земјава со премиерот на Албанија, Еди Рама, која се одржа во Тирана, според премиерот Димитар Ковачевски е позитивна и добредојдена бидејќи, како што кажа, неговиот албански колега е докажан пријател на Северна Македонија и докажан евроатлантист.
„Секој разговор на човек докажан пријател и евроатлантист кој го има со политички чинители од нашата држава во насока на градење пријателство и добрососедство, во насока на задржување на курсот на европските интеграции за целиот регион јас го сметам за позитивен и добредојден. Премиерот на Албанија е човек кој во секое свое излагање и работење секогаш се водел од принципот на интеграција на целиот балкански регион и особено Западен Балкан во НАТО и во ЕУ“,
изјави премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
Вчерашната средба во Тирана, која беше иницирана од албанскиот премиер, според Ковачевски, е позитивна и добредојдена со оглед, како што рече, дека во нашиот регион постојат два концепти. Едниот од нив, според Ковачевски, е концептот за европска интеграција на целиот регион, предводен од него, од албанскиот и други премиери. Вториот концепт, пак, додаде тој, го предводат политичари кои сметаат дека овој регион не треба да биде интегриран во Европската Унија.
„Јас и Рама го сметаме тоа за погрешно, а тие политичари никогаш не понудија ниту алтернатива ниту докази дека такво нешто може да функционира и дека може да го однесе регионот во подобар живот“,
рече премиерот.
Затоа, како што додаде, пораките од состанокот во Тирана се во насока на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и Албанија кои заедно ги почнаа преговорите со Унијата.
Вчера, на иницијатива на премиерот на Албанија, Еди Рама, во Тирана се одржа средба меѓу него и лидерите на партиите на Албанците во Северна Македонија. На средбата присуствуваа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.
Единствено лидерот на Беса, Билал Касами, кој исто така, беше поканет на средбата, ја одби поканата и не дојде во Тирана, оти, како што изјави претходно, не сакал да седне на иста маса со Ахмети.
По средбата која заврши доцна синоќа, лидерите од партиите на Албанците оценија оти таа поминала во братски дух, а дека во фокус била заедничката европска иднина на Албанија и Северна Македонија. Потенцираа и дека нема албанска партија во земјава која е против уставните измени за внес на Бугарите во Уставот.