Началникот на противпожарната служба Славко Туцаковиќ вели дека ситуацијата во близина на Локва Рогозница во моментов е поволна бидејќи пожарот не се шири

Околу 200 лица, меѓу кои и деца, ноќеска биле спасени од морето на брегот на Омиш, соопшти Министерството за море, транспорт и инфраструктура. Тие се засолниле во морето и на чамци поради голем пожар што го зафатил брегот. Обемната операција за спасување ја координирал Националниот центар за координација на пребарување и спасување на море во Риека, во соработка со Капетанијата на пристаништето во Сплит и нејзините ограноци.
Координираната операција започна синоќа во 23:40 часот, по пријавите дека голем број луѓе со деца се наоѓаат во морето и на чамци без надзор, каде што побарале засолниште од пожарот. Во спасувањето учествувале сите расположливи чамци на Капетанијата на пристаништето во Сплит и во Макарска, Милна и Хвар.
Според договорот со поморската полиција во Сплит, биле вклучени и два полициски брода и брзиот чамец „Модрољ“ на Хрватската крајбрежна стража. Помош стигнала и од службеници на Царинската управа кои се вклучиле со еден брод и членови на Хрватската планинска служба за спасување со чамец. Во операцијата се придружиле и граѓани и приватна компанија со патнички чамец.
Хрватската противпожарна служба соопшти дека состојбата на местото на пожарот кај Локва Рогозница е поповолна утрово и пожарот повеќе не се шири. Според првичните процени, пожарот зафатил околу 900 хектари трева, ниска вегетација и борова шума.
На местото на пожарот се распоредени 210 пожарникари со 61 возило. Покрај силите од Сплитско-далматинската Жупанија, пристигнале и пожарникари од Бјеловарско-билогорската, Крапинско-загорската, Задарската и Дубровничко-неретвската Жупанија.
Четири „канадери“ утрово биле испратени во областите Локва Рогозница и Омиш, но подоцна се пренасочени кон нов пожар на Пељешац, а во оваа област интервенираат три „ертрактори“.
Началникот на противпожарната служба Славко Туцаковиќ вели дека ситуацијата во близина на Локва Рогозница во моментов е поволна бидејќи пожарот не се шири.
Во Клиничкиот центар во Сплит помош побарале 36 лица поради повреди здобиени во синоќешниот пожар близу Омиш. Четиринаесет пациенти биле хоспитализирани, додека другите се пуштени на домашно лекување. Седум пациенти се наоѓаат на интензивна нега и нивниот живот е во опасност.
Од хрватскиот Црвен крст рекоа дека повеќе од 2 000 лица биле евакуирани и оти службите се подготвени доколку има потреба од дополнителни евакуации, но во моментов не очекуваат тие да се случат.
Заменик-градоначалникот на Омиш, Иван Пивчевиќ, изјави штетата е огромна и оти голем број автомобили и куќи се изгорени.
