Во однос на обвинувањата за изворот на податоците, тој нагласи дека како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ работи во заштита на јавниот интерес и дека ги демантира сите шпекулации за евентуална злоупотреба на полициски системи

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, реагираше по поднесената кривична пријава против него од страна на СДСМ, оценувајќи дека опозициската партија со овој чин не ги демантира фактите што тој ги објави за настаните во Ново Село, туку ги потврдува.
Преку објава на својот профил на Фејсбук, Манасиевски истакна дека наместо одговор на прашањата кои се луѓето што СДСМ ги претстави како свои „млади активисти“, партијата решила да се занимава со тоа од каде тој ги добил информациите.
„СДС денеска поднесе кривична пријава против мене, но во целата нивна реакција има една многу важна работа. СДС не ги негира информациите што ги објавив, што значи дека ги потврдуваат. Не негираат дека лицата кои ги претставуваа како ‘млади активисти’ се осудени насилници и трговци со дрога и не ги демантираат фактите за нивното криминално минато“,
напиша Манасиевски.
Во однос на обвинувањата за изворот на податоците, тој нагласи дека како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ работи во заштита на јавниот интерес и дека ги демантира сите шпекулации за евентуална злоупотреба на полициски системи.
„Не сум никаков полициски службеник, немам никаков пристап до полициски системи и не сум барал од никого да крши закон. Информациите ги добив од луѓе, патем се свиркачи од СДС, кои одлучиле да укажат на нешто за кое сметале дека јавноста треба да знае“,
пишува тој.
Манасиевски упати прашања до раководството на СДСМ зошто не ги брани фактите и зошто не даваат објаснување кои се луѓето претставени како жртви и какви пресуди имаат зад себе.
„Затоа што тие деца кои Филипче ги нарече ‘деца на Македонија’, впрочем се деца на Заеви. Поднесената кривична пријава кон мене нема да го оттргне фактот дека кадарот во СДС е криминален, насилнички и коруптивен. Кривична пријава не е пресуда и мене нема да ме замолчи да ја говорам вистината“,
додава Манасиевски.
СДСМ денеска поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за гонење организиран криминал против полициски службеници од СВР Струмица и против Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пријавите се однесуваат на сомнежи за неовластено истекување на доверливи информации од казнената евиденција во Полициската станица Струмица, кои биле презентирани преку средства за јавно информирање и користени за партиски цели.
