Пријавите се однесуваат на сомнежи за неовластено протекување доверливи информации од казнената евиденција во Полициската станица Струмица, кои биле презентирани преку средства за јавно информирање и користени за партиски цели

СДСМ поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за гонење организиран криминал против полициски службеници од СВР Струмица и против Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, информира на прес-конференција генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ.
Според СДСМ, и покрај тоа што поминале девет дена од физичкиот напад врз младите активисти во Ново Село, институциите сè уште немаат преземено соодветни чекори, а МВР и Обвинителството молчат.
Пријавите се однесуваат на сомнежи за неовластено истекување на доверливи информации од казнената евиденција во Полициската станица Струмица, кои биле презентирани преку средства за јавно информирање и користени за партиски цели.
Против полициските службеници од СВР Струмица е поднесена пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, оддавање службена тајна и злоупотреба на лични податоци. Од СДСМ посочуваат дека службените лица овозможиле класифицирани податоци да завршат во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
Против Валентин Манасиевски е поднесена кривична пријава за злоупотреба на лични податоци и поттикнување, а поради сомневање дека јавно презентирал податоци од казнената евиденција и поттикнал службени лица да му ги обезбедат доверливите документи за јавен настап.
„Власта ги штити насилниците. ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција објави доверливи податоци од документи од Полициската станица. Документи и податоци до кои немаат право на пристап и кои се водени како службена тајна. Сега Јавното обвинителство е на потег, за прекршување на законите мора да има одговорност“,
рече Димитријевиќ.
Од партијата на 5 август рекоа дека за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Ново Село се нападнати млади активисти на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), кои мирно протестирале со порака поврзана со состојбата во Гостивар.
По случувањата, од СДСМ побараа Јавното обвинителство и полицијата веднаш да ги пронајдат и да ги приведат напаѓачите. Оттаму тврдат дека од десетиците што учествувале во нападот, веќе се познати барем двајца.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека луѓето за кои СДСМ вели дека се млади активисти на партијата и ги ословува како „децата“, се всушност условно осудени за насилство и за трговија со дрога.
