Се повеќе земји од ЕУ преговараат или не ја исклучуваат можноста за набавка на руската вакцина, што се толкува како начин да се надмине недостигот на вакцини
Овој месец тим на ЕМА ќе оди во Русија во проверка на испитувањата и производствените капацитети, а неофицијално би можела да ја одобри вакцината во мај
Сепак, неодамна и самата Русија, поради ограничените производствени капацитети, се соочи со недостиг на вакцини и се одлучи за производство во странство
Соочени со потребата од поголеми количини вакцини, земјите од Европската унија не ја исклучуваат можноста за набавка на руската вакцина „спутник В“, која и покрај првичниот скептицизам, беше позитивно оценета во научните анализи, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ) .
Германија и Франција преговараат со Русија за набавка на „спутник В“ откако во неколку европски земји беше запрено вакцинирањето со „Астра Зенека“ за лицата под 60 години, пишува „Тајмс“, пренесува РСЕ.
Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин на видео – конференција во вторникот разговарале за можноста за купување руска вакцина.
Претходно, како што објавува лондонскиот весник, Италија, Франција, Шпанија и германската покраина Баварија беа наведени како можни локации за производство на „спутник“ во ЕУ.
Минатата недела, Меркел директно ја спомена „спутник В“, велејќи дека смета дека треба да се користи секоја вакцина одобрена од европското регулаторно тело за лекови.
Европската агенција за лекови (ЕМА) започна ревизија на „спутник В“ во март, што, според „Тајмс“, е клучен чекор кон одобрување на првата не-западна вакцина за коронавирус во 27-те земји-членки на ЕУ.
За разлика од германската Влада која потврди дека е отворена за употреба на руската вакцина, доколку е одобрена од ЕМА, Франција е многу повнимателна, пишува Гардијан.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан неодамна ги обвини Русија и Кина дека ги користат своите вакцини за да си обезбедат влијание во странство.
„Во однос на начинот на управување, (вакцината ‘спутник В’) е повеќе средство за пропаганда и агресивна дипломатија отколку средство за солидарност и здравствена заштита“,
рече Ле Дријан за радиото Франс – Инфо.
И Тијери Бретон, комесар на ЕУ (кој доаѓа од Франција), кој ја предводи работната група за вакцини во Европската комисија, рече дека на ЕУ „апсолутно не и треба ‘спутник’“ бидејќи „има капацитет да испорача 300 до 350 милиони дози“ до крајот од јуни.
Производителот на „спутник В“ агресивно одговори на Твитер:
„Ако ова е официјалниот став на ЕУ, ве молиме да не известите дека нема причина да продолжите со одобрувањето во ЕМА поради вашата политичка пристрасност“.
Но и покрај се, најавено е дека експертите од ЕУ треба да ја посетат Русија во април за да ги проверат резултатите од клиничките испитувања и да го прегледаат процесот на производство.
Руските производители досега не успеаја да го зголемат домашното производство за да ја задоволат побарувачката дома и во странство, но Владата соопшти дека постигнала договори за производство на руски вакцини со уште 10 други земји.
Москва соопшти дека има намера да произведе 178 милиони дози „спутник В“ до крајот на јуни и се надева дека до тогаш ќе вакцинира 30 милиони Руси, оставајќи на располагање можни 118 милиони дози за извоз.
Русија ја регистрираше својата вакцина во август пред да се спроведат поголемите клинички испитувања, што предизвика почетни стравувања за нејзината безбедност.
Сепак, оттогаш сите анализи се претежно позитивни, а медицинското списание „Лансет“ објави резултати кои покажуваат дека вакцината е безбедна и е ефикасна повеќе од 90 проценти.
Австрија преговора со Русија
Во меѓувреме, Ројтерс објави дека Австрија преговара со Русија за купување на милион дози вакцина „спутник“, како што им било потврдено од канцеларијата на канцеларот Себастијан Курц во вторникот.
Конзервативниот австриски лидер е на удар на опозициските партии затоа што неговата Влада не купи онолку вакцини колку што можеше да има според шемата на ЕУ.
„Не смее да има геополитика во набавката на вакцини“,
се вели во изјавата од кабинетот на Курц, во која се потврдува дека Австрија преговара со Русија, а Москва и понудила продажба на милион дози од април.
„Единственото нешто што мора да се земе предвид е дали вакцината е ефикасна и безбедна“,
вели австрискиот канцелар.
По почетокот на кампањата за вакцинација во ЕУ, некои членки и региони веќе купија или размислуваат да купат руски или кинески вакцини – Унгарија и Словачка веќе купија „спутник“, но само Унгарија започна да ги користи.
Русија со голема помпа го пофали извозот на својата домашна вакцина „спутник В“ во Латинска Америка и Африка, па дури и во некои европски земји, нарекувајќи го решение како резултат на недостиг во целиот свет.
Руската влада неодамна склучи договор за производство на „спутник В“ со јужнокорејска компанија која веќе испрати вакцини во Русија и планира да го стори истото со компанија од Индија. Увозот, кој се очекува да се зголеми во наредните недели и месеци, може да и помогне на Русија да ја надмине бавната вакцинација дома.
Ова, според Њујорк Тајмс, илустрира дека дури и земјите чии научници дизајнирале успешни вакцини, се потпираат набавка на вакцини од надвор.
Руската кампања за вакцинација заостанува многу зад кампањата на повеќето европски земји и САД, а досега 4,4 проценти од вкупниот број Руси примиле барем една доза.