Русија викендов ја започна својата програма за масовна вакцинација против ковид-19, и тоа на клиниките во главниот град Москва со вакцинирање на лица кои се изложени на најголем ризик од вирусот.
Вакцинацијата е со руската вакцина Спутник V, која прва беше објавена уште во август, а за која производителите наведуваат дека е 95% ефикасна и дека нема поголеми несакани ефекти, иако е сè уште во фаза на масовно тестирање.
Илјадници луѓе веќе се пријавени да ја примат првата од двете дози на вакцината викендов, но засега нема информации колку вакцини Русија може да произведе.
„Досега 100 лица примија дози на вакцината, и не наидовме на никакви компликации или несакани ефекти. Сега добиваме серија вакцини секоја недела за медицинските и социјалните работници. Денеска ја започнуваме следната фаза на вакцинација, ги вакцинираме едукаторите“,
изјави д-р Адреј Оснипов од московска клиника.
Производителите соопштија дека очекуваат да направат два милиони дози од вакцината до крајот на годината.
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин, кој ја најави програмата за масовно тестирање изјави дека вакцината им се нуди на луѓето кои работат во училиштата и здравствените служби и социјалните работници. Тој рече дека списокот ќе се зголемува кога ќе станат достапни повеќе вакцини.
Жителите на Москва во овие ризични професии на возраст од 18 до 60 години, можеа да се регистрираат преку Интернет за да закажат термин за вакцинација на 70 локации во градот. Секој ќе добие две инјекции, на временски период од 21 ден.